Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот протест кој се одржува под мотото „Протест за промени, затоа што премногу е“ ги посочи партиските позиции по најважните прашања и како ќе делуваат во периодот што следи. Вели состојбата во земјата е неподнослива.

Македонија во овој момент е рекордер во Европа по три работи: првата е криминалот, втората, државата е со насјлаб раст на економијата во Европа, и третата земјава има најголема стапка на инфлација. Можеби кризата е увезена, но автентична е неспособноста на кадарот на СДСМ.

Најголемиот проблем е инфлацијата која го јаде сечиј домашен буџет. И секое минимално покачување на плата со кое се фали Владата, се одзема преку само едно покачување на цените на бензините, не споменувајќи ги покачувањата на сите останати производи.

Всушност сте забележале ли среќен човек кој излегува од пазарање од маркетите? Нема таков затоа што работите кои минатата година сме ги плаќале по една цена денес се двојно поскапи. Половина милион наши сограѓани, луѓе со конкретни лични судбини и стравови живеат со само 150 денари на ден!

Повторувам: со 150 денари на ден!

Сиромаштијата го разјадува здравјето на луѓето, а со тоа и здравјето на Македонија! Затоа, час поскоро, брзо и посветено мораме да ставиме одлучна народна точка на овој економски геноцид на Димитар Ковачевски, на Зоран Заев и на СДСМ и ДУИ!

Инфлацијата е последица на криминалот и неспособноста на владата да се справи со ценовните шокови.
Она што боли е што илјадници родители си легнуваат со помислата дека се неуспешни поради тоа што државата им го одзема сонот за нивните деца и што илјадници семејства мака мачат како да ги платат сметките за струја и режиските трошоци.

Кога велам дека е состојбата неподнослива, тоа е така и затоа што цели пет години чекаме датум за преговори со Европската Унија кој никако да дојде.

Заглавени сме во чекалницата за ЕУ 22 години. Некои држави тогаш не ни зборуваа за ЕУ а денеска преговараат или се веќе во ЕУ!

Овој народ и Македонија даде многу, а за возрат не доби датум!

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.