Националното единство е нужност затоа што информациите со кои што располагам укажуваат на тоа дека во игра е многу повеќе од само промена на македонскиот Устав, а со цел вклучување на бугарското малцинство во Македонија во тој Устав. И во таква една ситуација сметам дека е политички зрело и државнички кога веќе на тоа не се осудува првиот човек на владата, јас да сум тој кој што ќе повика на национално единство. Ковачевски со тоа што одбива можност за национално единство за прашањето со Бугарија, практично пропушта можност едногласно да ги зациментираме позициите за заштита на националните, државни идентитетски линии. Ваквиот договор за национално единство околу ова прашање не значи дека и утре, и деновите потоа нема да критикуваме за погрешните политики на оваа Влада, но тоа значи дека и македонската опозиција, и пред се ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија заедно со македонската влада ќе штитат идентитет, историја и јазик. Ваквото одбивање на подадената рака за национално единство значи само едно, дека Ковачевски наместо во коалиција со народот и на страна на државните и национални интереси, е во коалиција со Бугарија и продолжува да биде слеп послушник и застапник на политиките на заевизмот, политика која што кај нас веќе е жестоко поразена од народот. И практично тој поддржува се она што тие бараат, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р. Христијан Мицкоски при своето денешно обраќање на регионалниот отчет на градоначалниците во Битола насловен „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт, отчет на ВМРО-ДПМНЕ“.

Мицкоски додаде дека барањата на Бугарија и она за што преговара Ковачевски е многу подлабоко отколку промена на Уставот и вметнување на бугарското малцинство во него, туку на маса е и македонскиот јазик, историја и постоење на македонскиот народ во историска и политичка смисла и контекст. И во таква една ситуација пресметката на заевизмот и Ковачевски како негов најистурен експонент е одбегнување на национално единство што ќе ги штити црвените линии, постигнување на договор со Бугарија за чие неприфаќање единствено ќе биде посочено со прст за виновно ВМРО-ДПМНЕ, а тоа во јавноста лажно ќе се престави дека е решение кое доколку е отфрлено вие сте против ЕУ, а доколку нормално се прифати тоа предавство кое што го подготвува заевизмот и неговиот слеп послушник тогаш сте за ЕУ. Независно што едното со друго нема никаква врска и тоа што оваа кнедла која се подготвува во кујните на заевизмот ќе биде идентитетски разорна за постоењето на нашиот народ и држава.

Дека зад ова сценарио за одбивање на обединување околу националните прашања седат ваквите мотиви доказ е и одбегнувањето на власта да не ја поддржи Декларацијата во Парламентот за титанот Гоце Делчев, пред се поради стравот на Ковачевски да не се налути Бугарија кој е поголем од желбата за почит кон великанот. И јас немам намера да трошам енергија на ваквата кусогледост на власта, но државнички, зрело и одговорно кон својот народ и иднината која ја заслужуваме е да подадам рака повторно да ја оставам вратата отворена за национално единство и обединување за одбрана на националните интереси, заштита на нашиот македонски јазик и посебност, и како такви да почнеме час поскоро преговори со Европската Унија и напредок на тој пат и покрај сите сериозни недостатоци во поглед на реформи и дневни аномалии кои како општество за жал ги имаме. Иднината ќе биде наша доколку и иницијативата биде наша, доколку се држиме заедно и доколку се бориме заедно. Верувам дека може да се постигне разумен напредок кој нема да биде потценување на едните за сметка на другите, туку разумно решение кое ќе ги рефлектира нашите европски аспирации, но и подготвеноста на нашиот источен сосед да помогне на држава сосед, на држава пријател и држава чиј главен интерес е иднината на македонскиот народ и на граѓаните во Македонија. Македонија историски и цивилизациски е мирољубива земја, со космополитски карактер, и секогаш била дел од Европа во која уште веруваме и ги споделуваме тие вредности. Потреба е надеж на овој народ, на граѓаните на Македонија и таа надеж мора да биде возвратена, почитувана и вреднувана – нагласи Мицкоски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.