Очекував повеќе аналитичност и очекував премиерот Димитар Ковачевски да се охрабри и да излезе пред медиумите и ако веќе одлучил да ја одбие подадената рака од ВМРО-ДПМНЕ, тоа да го направи на отворена сцена, а не да се крие зад статуси на социјални медиуми, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, откако вчера на неговото барање за средба со премиерот на која би бил договорен датум за предвремени избори, Ковачевски преку Фејсбук статус одговори дека не прифаќа уцени.

Мицкоски вчера исто така понуди четири тима кои до одржување на предвремените парламентарни избори би соработувале со Владата во четири клучни области и тоа економија, надворешна политика, здравство и образование.

Жалам што во СДСМ и во Владата нема мудрост, ниту државотворен капацитет и жалам што постапуваат вака неодговорно во моменти кога на народот му е потребно обединување. Она што го гледаме и од Ковачевски, од останатите во Владата, но и од СДСМ, е се само не она што му е потребно на народот. Вчера подадовме рака за единство, но очигледно дека во Владата нема капацитет за единство. Чекор по чекор ќе ги носиме одлуките и јавноста и вие медиумите ќе бидете благовремено информирани, рече денеска Мицкоски кој беше во посета на Штип.

Во однос на обвинувањата на СДСМ дека опозицијата стои зад професорите и наставниците кои сакаат да продолжат со штрајкот, Мицкоски рече дека тоа е стратегија на владејачката партија и оти неговиот и изборот на ВМРО-ДПМНЕ „секогаш ќе интересот на наставниците и професорите“, бидејќи, како што рече, тоа се луѓето кои треба да создадат генерации млади луѓе кои треба да ја градат државата. 

Ковачевски вчера, меѓу другото, му одговори на Мицкоски дека сега не се потребни избори, туку одговорно делување на сите политички партии.

Како Влада имаме многу одговорна работа, а тоа е менаџирање на најголемата економска криза по Втората светска војна. Ниту се потребни средби за избори, ниту се потребни избори туку одговорно делување на сите политички партии. Потребно е функционално Собрание за носење закони и рационално трошење на буџетот во овие кризни времиња. Но, тоа Мицкоски очигледно не го интересира бидејќи никогаш не го интересирале граѓаните и нивните потреби, туку само неговата политичка кариера. За среќа, ние сме одговорна партија и Влада која нема да дозволи ваквите желби на опозицијата да значат штета по граѓаните, несигурност, трошење на огромни буџетски средства и нови кризи, објави вчера Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.