Не делувам емотивно, многу рационално делувам и стратешки коректно. И така ќе продолжам и во иднина, а на сите останати им посакувам пред сè многу здравје, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за МРТ 2
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, прашан за несогласувањата со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во интервју за МРТ 2, вели дека таа треба да се држи до предизборните ветувања, а дека сето останато е фолклор.
И посакувам на Данела Аровска да биде добар градоначалник, како што ние бевме добри кога помогнавме да таа стане градоначалник. Ние ќе продолжиме да бидеме добри за скопјани, и се додека проектите од концептот за модерно Скопје се реализираат, ќе ја има нашата поддршка. Така што ѝ посакувам успех во работата и да се држи до рамката за модерно Скопје, сето останато е фолклор, вели Мицкоски.
На новинарско прашање во контекст на случувањата со Арсовска – дали состојбите се дел од настојувањата на партиите на власт да обезбедат мнозинство за уставните промени, Мицкоски одговори дека подолг период некој го менува, а тој и партијата која ја предводи се сè посилни.
Четири и пол години некој мене ме менува, а јас и ВМРО-ДПМНЕ сме сè посилни, и побројни, и поекипирани. Јас им посакувам среќа и добро здравје на тие луѓе бидејќи христијански е човек да има добра мисла. Многу јасно го гледам крајот кога ќе ја отвориме втората страница од овa мое политичко делување на највисоко ниво, а тоа е кога ќе ја поведеме државата во реформи и да донесеме надеж. Секој оној што цени дека има поинакво мислење е негов став и тоа е што е, јас не можам тука да влијаам поинаку. Се навикнав овие четири и пол години да ме омаловажуваат, да се закануваат, да ме навредуваат…, рече Мицкоски и посочи дека не делува емотивно, туку рационално и стратешки коректно.
Првиот човек на опозицијата очекува власта да продолжи да тврди дека треба да го истера мандатот, но, тој цени дека треба да има предвремени избори.
Логично е да сториме сè што е во наша моќ, да ги искористиме сите демократски алатки кој што ги имаме на располагање, да дојдеме до предвремени парламентарни избори“,вели Мицкоски.
Мицкоски порача дека ВМРО-ДПМНЕ ќе истрае во намерата да се одржи референдум, а вели дека останува на ставот дека ќе се повлече од политичката сцена ако се смени Уставот за да се вметнат етничките Бугари во него.
Не е добро сега да ја подотвораме таа врата, затоа што така ја подотвараме вратата на многу проблеми, којшто, во историска смисла на зборот, ќе значат ретуширање на вистинските историски факти“, кажа Мицкоски.
Во интервјуто тој се осврнува на неколку актуелни политички прашања, поврзани со односите помеѓу политичките субјекти во државата, состојбите и политичките текови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.