Медицинската сестра од Клиниката за онкологија која беше фатена во два наврати како краде лекови и натаму не е достапна за органите на прогон. Обвинителството поднело два обвинителни предлози против неа за кривични дела – Проневера во службата. Според доказите на обвинителството, сестрата крадела ампули кои потоа ги изнесувала од клиниката и ги предавала на друго лице.
Осомничената не се јави на распит и не е достапна на органите на прогонот. Јавното обвинителство против неа поднесе два обвинителни предлози за кривични дела- Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. Во текот на претходната постапка, обвинителството обезбеди докази дека обвинетата, со намера да прибави противправна имотна корист за себе, присвоила поголем број ампули со различна намена во вкупна вредност од 59.760 денари кои и биле доверени во службата. Ампулите ги изнесувала од работното место, а потоа ги оставала во автомобил со намера да ги предаде на друго лице, велат од обвинителството.
Првпат за кражба медицинската сестра е пријавена во 2020 година. Била суспендирана, но за шест месеци пак ја вратиле на работа, на истата позиција, по што повторно била фатена во кражба. Како што објавија дел од медиумите, таа ја напуштила Македонија и заминала во Германија.
Дали и кој се друг бил вмешан во скандалот на онкологија, обвинителството се уште истражува и ги вештачи доказите кои ги прибра во предистрагата која ја отвори на почетокот на месецов. Како што велат од обвинителството се истражува и финансиската работа на клиниката, а побарана е соработка и со обвинителствата во Косово и Албанија за да се види дали дел од лековите завршувале на тој пазар таму.
Случајот со онкологија се најде и пред пратениците. Во Собранието веќе е формирана анкетна комисија која ќе треба да утврдува и политичка одговорност, но партиите се уште немаат одредено кои пратеници ќе бидат дел од неа.
Обвинителството отвори предистражна постапка откако во медиумите се прошири информацијата дека имунолошката терапија за онколошките пациенти, дел од вработените на Онкологија ја краделе и препродавале на црниот пазар… Првичните наоди како што соопшти обвинителството упатуваат на сомнежи за сторени кривични дела против здравјето на луѓето и проневера во службата на Клиниката за онкологија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.