Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити вели дека Предлог-законот за бранители ќе остане заглавен во Собранието.
Во интервју за „Радио Слободна Европа“, Меџити вели дека не е добро за државата еден од приоритетите да биде носењето на ваков закон.
Ние имаме конечен став дека не е добро за процесите и за државата и не е во приоритетите да се донесе таков закон. Тој сега е заглавен во Комисијата што ја води Илире Даути и очекуваме дека таму и ќе остане, вели Меџити.
На прашањето дали условот за да дадат поддршка на ова законско решение е паралелно да се донесе и закон за привилегии на припадниците на ОНА, Меџити со став дека целата работа со овој закон е смислена од претходната власт.
Дилемата и прашањето е зошто СДСМ кој до вчера се бореше со граѓански концепт, кој направи резултат и со албански гласови, има видни членови Албанци и во нивните структури, зошто не направи ништо за ова додека беше на власт последните осум години? И зошто баш сега имаат предлог за бранителите? Ова мислам дека е дневна политика и оди во функција на дестабилизација на процесите и на државата. Значи, синхронизирани се со ДУИ, само за да не одговараат, вели Меџити.
Предлог-законот за бранители е во собраниска процедура, но е заглавен во Комисијата за социјална политика, демографија и млади бидејќи претседателката на Комисијата Илире Даути од редовите на Европскиот фронт предводен од ДУИ, не закажува седница.
Од политичката партија „Левица“ најавија дека ќе поднесат кривична пријава против претседателот на Собранието Африм Гаши, бидејќи иако имал можност да ја свика седницата на собраниската Комисија за труд и социјална политика, демографија и млади на која треба да се разгледа Предлог-законот за бранители, тоа не го сторил.
Претседателот на Собранието Африм Гаши, пак, тврди дека не го прекршува Деловникот за работа и дека ингеренциите се кај претседателката на собраниската Комисија.
Деловникот во член 126 не вели дека „ако претседателот на комисијата одбива да стави конкретен закон“, туку „ако претседателот на комисијата не свика седница“. Со тоа што Илире Даути свика седница во рамки на роковите, не можам да свикам, Деловникот ми го одзема правото да интервенирам и да назначам друг пратеник да ја води седницата. Во овие четири месеци увидовме неколку недоречености како овој со Законот за бранители, како двојната функција на Талат Џафери, и уште неколку други прашања кои наскоро планирам да ги решиме преку комисијата за деловнички прашања – тие да одлучуваат и да носат заклучоци за следната измена на собранискиот Деловник, беше наведено во одговорот од Кабинетот на претседателот на Собранието.
Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела во изјава за медиумите ја повика претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади да го стави на дневен ред Предлог-законот за бранители, додавајќи дека со „Вреди“ не разговарале за законот.
Не сме разговарале на таа тема, многу јасно сме го соопштиле нашиот став во минатото. Бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата поддршка, рече Мицкоски.
Предлог-законот за бранители е поднесен од пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ и треба да се носи по скратена постапка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.