Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата се соочуваат со бројни предизвици во животната средина во време на енергетска криза, а тоа се децениското загадување на амбиенталниот воздух, отстранувањето на историскиот отпад, справувањето со проблемите на управувањето со отпадот, обезбедувањето на инфраструктура за водоснабдување, одведувањето на отпадни води и нивно пречистување и заштита на природните вредности и биодиверзитетот. Ова го истакна денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити на панел дискусијата „100% посветени за тебе“ што се одржа во владата.

– Нашата неприкосновена определба е обезбедување на одржлив развој и членство во ЕУ и на тој пат мора да покажеме подготвеност за имплементирање на високите европски стандарди во оваа област. Тоа бара многу работа, интерсекторска соработка и многу пари – рече Меџити.

Тој зборуваше за двата најактелни проблеми – загадувањето на воздухот и воспоставувањето на системот за регионално управување со отпад.

– За справување со аерозагадувањето делуваме во повеќе насоки, согласно дефинираните мерки што се пропишани во националните и локалните плански документи. Тоа се замена на нееколошките системи за греење, намалување на емисиите од сообраќајот, намалување на емисиите од стационарните извори, подобрување на енергетската ефикасност, заштеда на енергија и користењето на обновливи извори на енергија, како и намалувањето на емисиите од отпадот – рече Меџити.

Министерството, додаде тој, со пари од државниот буџет, од ЕУ и од други донатори активно работи на модернизација, обнова и проширување на Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух.

Меџити потсети дека со децентрализацијата најголемиот дел од оперативните зафати се обврска на локалните самоуправи, вклучително и справување со изворите на загадувањето. Тој истакна дека министерство ги поддржува општините во подготовките на плановите за квалитетот на воздухот, што е нивна законска обврска.

Меџити рече дека преку програмата за инвестиции во животната средина се изработени катастри на загадувачите на воздухот за 17 општини, со кои се идентифицирани изворите на аерозагадувањето и се утврдени количините на загадувачките емисии, што е предуслов за приоретизација на мерките.

– Поддршка се обезбедува и од меѓународните донатори и агенции. Во тек е изработка на планови за квалитет на воздухот за Струмица и ажурирање на плановите за Куманово, Кавадраци, Гостивар и Струга, во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ имплементиран од страна на УНДП. Во рамки на ИПА 3 проектот „ЕУ за чист воздух“, чија главна цел е да се намали загадувањето во четири големи градови (Скопје, Битола, Тетово и Куманово), е предвидена замена на системите за греење во 70 јавни објекти, набавка на 6 еколошки автобуси за Скопје, набавка на 6.000 садници, фзибилити студија за натамошно проширување на топлификациската мрежа во Скопје и набавка на опрема за мониторинг на воздух – рече Меџити.

За отпадот тој рече дека справувањето со овој проблем е можно исклучиво со поставување и функционирање на регионалениот систем за управување со отпад. Согласно националните политики и стратешки плански документи во државата ќе се воспостават 5 регионални системи за управување со отпад.

– Со поддршка на ЕУ, направен е исчекор напред во Источниот и Североисточниот регион и неодамна е објавен оглас за јавна набавка за изградба на централна постројка за управување со отпад и за изградба на 6 претоварни станици за овие региони. За крај ќе напоменам дека течат фазите за затварање на нестандардните депонии, а во тек е набавка на опрема за собирање на отпад и возила и за другите региони – рече Меџити.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.