Во петокот, при крај на работното време, во мојот Кабинет, во релаксирана атмосфера со моите колеги се кладев дека првото родено дете во 2024 година ќе биде машко и тоа се исполни, значи ќе се исполнат сите планирани проекти во здравството. Им порачувам на граѓаните да веруваат во здравствениот систем и во сите здравствени работници, ќе работиме максимално, а целта ни е, наместо со скандали, здравството годинава да биде на ниво на кое заслужуваат нашите пациенти.

Ова го истакна претпладнево министерот за здравство Фатмир Меџити, кој заедно со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска го посети Алек, првото бебе годинава кое се роди на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје.

Меџити во оваа прилика уште еднаш им ја честита новата година на граѓаните и им посака добро здравје и успеси.

Министерството за здравство продолжува да спорведува политики и мерки за заштита на здравјето на мајките, новодоренчињата и на другите пациенти, подвлече Меџити.

Тренчевска им честита на родителите на Алек, мајката и таткото Стефановски. Потсети и дека веќе се подготвува националната стратегија за демографија, насочена кон зголемување на наталитетот.

Традиционално, како и секоја година, со министерот за здравство сме во болницата каде е родено првото бебе оваа година. Овој пат тоа е ГАК. Алек се роди, им честитам на родителите, на мајката и таткото Стефановски, да им е живо и здраво бебето и да има среќно детство, изјави министерката.

Во однос на стратегијата напомена дека целта е и да се намали трендот на иселување на младите.

Верувам дека со добри трудови политики и подобри плати, како и подостојни работни места прималиви за младите, ќе успееме да ги задржиме и да ја подобриме демографската состојба во земјата, истакна Тренчевска.

Алек е здраво машко бебе, тешко 3 706 грама и долго 52 сантиметра. Се родил во десетата секунда од 2024 година.

Годината почна убаво, со родени три бебиња во првите 15 минути по почетокот на годината што треба да е добар знак, се надеваме дека ќе имаме што повеќе здрави бебиња и среќни родители, изјави директорката на ГАК, Викторија Јовановска.

Од полноќ до сега на ГАК се родиле вкупно шест бебиња, а повеќето се машки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.