Остануваме посветени на евроинтегративниот пат, рече денеска (26 септември) првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, по информацијата од Брисел дека Албанија на патот кон ЕУ ќе се одвои од земјава за која услов се уставните измени.

„Прво да почекаме официјални информации. Владата и „Вреди“ остануваат посветени на ова прашање кое е еден од врвните приоритети во нашите политики. Се надевам дека брзо ќе најдеме решение“, истакна Меџити на прес-конференција.

Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР) донесе одлука Албанија на 15 октомври да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ по поглавја, со отворање на преговорите по Кластерот 1 – „Основи вредности“, потврди за МИА унгарското претседателство со Советот на ЕУ.

Со ваквата одлука за одржување на Меѓувладина конференција ЕУ-Албанија на 15 октомври и старт на преговорите по Кластерот 1, Албанија ќе биде одвоена од земјава на европскиот пат. Во Кластерот 1 – „Основи вредности“ се вклучени поглавјата набавки, статистика, судство и основни права, правда, слобода и безбедност и финансиска контрола.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.