Вицепремиерот Изет Меџити е против предвремени парламентарни избори заедно со локалните.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека од осамостојувањето на државата досега немало постабилна Влада од оваа.

Од 90-тите години досега немало постабилна Влада и поголемо мнозинство од ова, 78 пратеници, и тоа расте. Сигурно за кратко време расте и до 80. Тоа е две третини од Собрание. Тоа е доволен коментар – рече Меџити појаснувајќи дека изјавата на премиерот Мицкоски само дел од дебата во Собранието.

Според него, никому не му е во прилог да се одржат предвремени парламентарни избори и тоа ќе биде само непотребен трошок и непотребно губење време.

За државата и граѓаните, кога имаш мнозинство од 80 пратеници е непотребно да се размислува бидејќи тоа е трошок за државата и непотребно губење време бидејќи секое прогласување на избори шест месеци пред и по изборите запираат сите постапки, сите јавни набавки, вработувања и тоа влијае многу на економијата. Прво нема да бидат среќни тие што сакаат да работат, бизнисот во оваа држава – рече Меџити.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.