Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, учествуваше и имаше обраќање на првиот глобален Фестивал на албанската гастрономија во Берлин. Фестивалот собра 110 компании од Балканот на едно место, заедно со носители на политички одлуки од Македонија, Косово и од Албанија, соопштија попладнево од Министерството за животна средина и просторно планирање.
На панелот на тема „Каде традицијата се среќава со трговијата“, во присуство на претседателката на Косово, Вјоса Османи, министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Игли Хасани, министерот за економија и труд на Македонија, Бесар Дурмиши, градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, Меџити рече дека големата и успешна албанска дијаспора, секојдневно нѐ прави горди насекаде низ светот, се додава во соопштението.
Меџити истакнал дека ваков настан, „што нѐ зближува сите нас во голема меѓународна сцена, нѐ прави горди како народ и ни покажува колку многу имаме да понудиме“.
Благодарност до организаторите за оваа можност и нивната посветеност за промовирање на позитивниот имиџ на Албанците ширум светот. Да продолжиме да градиме мостови на соработка и да му покажеме на светот дека Албанците се подготвени да блеснат насекаде, се наведува во писмената изјава на Меџити.
Тој нагласил дека „овој саем не е само прослава на нашите вкусови и традиции, туку и платформа што ја покажува нашата моќ да се натпреваруваме на меѓународните пазари, да градиме мостови на соработка и да ги покажеме вредностите на нашата богата култура“.
Како што се потенцира во соопштението на Министерството, компании од Македонија биле „Даути комерц“ и „Тиквеш“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.