Во 10 часот денеска во средните училишта низ земјава почна полагањето по првиот екстерeн испит – Мајчин јазик и литература од државната матура за учебната 2021/2022 година. Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), за тестот по македонски јазик се пријавени 11 060, за албански јазик 4308 и за турски јазик 313 матуранти.
Тие резултати, додаде министерот, треба да бидат потврда на знаењето и на тоа што го совладале за времето на четиригодишното средно образование и што онатаму ќе го применуваат при работа на соодветното работно место доколку се одлучат веднаш по средното училиште да се вклучат на пазарот на трудот или пак ќе им биде добра основа за понатамошна академска надградба.
Тој додаде дека следното полагање ќе биде на 13 јуни кога се полага второт екстерен предмет , а резултатите се објавуваат 30 дена од последниот екстерен испит, што, како што нагласи, значи дека резултатите ќе бидат објавени на 12 јули.
Директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска појасни дека согласно концепцијата за државна матура и завршен испит во средното образование Државниот матурски одбор кој е надлежен за таа концепција уште во есента донесе одлука матурата оваа учебна година да се полага исто како минатата година заради сите услови на пандемијата и предизвиците што ги имаа и наставниците и матурантите од оваа година.
За полагање на матурата, која е услов за запишување на факултет, годинава се пријавиле 15 899 ученици кои завршуваат средно образование. Од нив, 7135 се од гимназии, 8504 од стручни и 260 од уметнички училишта.
Полагањето на вториот екстерен испит ќе биде на 13 јуни од 10 часот. Тој е по избор на учениците, а и оваа година најмногу се пријавиле за тестот по англиски јазик – 14 320 кандидати. Математика ќе полагаат 1231, германски јазик 118, триесет кандидати има за тестот по француски јазик, 10 за руски јазик, 15 ќе полагаат филозофија и 100 кандидати се пријавени за естетика.
Тие што нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе имаат втора можност во августовската сесија. Тестот по мајчин јазик (македонски, албански или турски) ќе биде на 10 август, а на 12 август испитот по изборниот предмет: математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија или естетика.
За спроведување на процесот на полагање на матурата се ангажирани околу 2000 наставници како тестатори и околу 300 набљудувачи од централните образовни институции како што се Бирото за развој на образование, Државниот испитен центар, Центарот за стручно образование, а обезбедена е и поддршка од МОН.
Државната матура во земјава се спроведува од 2007 година. На крајот на 2019/2020 првпат не беше организирана поради КОВИД-19.
Матурата во јуни 2021 ја полагаа околу 15 300 ученици. Средната оценка од двата екстерни испита лани беше 3.61 и подобра од претходната државна матура, во 2019 година, кога просечниот успех беше 3.48.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.