Матичните лекари од приватното здравство денеска од 12 до 16 часот нема да работат во знак на револт, откако во петокот нивен колега беше пронајден мртов со убодни рани на паркингот пред поликлиниката Железара.
Претседателката на Здружението на приватни матични доктори, Лилија Чолакова Дервишова во изјава за МИА во петокот истакна дека е неопходно да се донесе закон за докторска дејност со кој точно ќе се дефинираат условите, правата и должностите на лекарите.
-Го повикувам Министерството за здравство што поскоро да се донесе Законот за докторска дејност со кој ќе се заштити работата на лекарите. Ние сме навистина револтирани и згрозени од ваквиот чин, рече Чолакова-Дервишова.
И Лекарската комора побара итна разрешница на случајот со починатиот лекар.
-Истакнуваме дека никаков вид на насилство во општеството не смее да се толерира, бидејќи насилството не е соодветен начин на кој се решаваат проблемите. Истакнуваме јавно барање надлежните институции итно да постапат за овој случај и да ги преземат сите неопходни мерки за да ги утврдат околностите во кои се случил настанот и соодветно на тоа да го пронајдат сторителот и да го санкционираат, наведе Лекарската комора во соопштението испратено во петокот.
Шеесет и седумгодишниот лекар беше пронајден со убодни рани во неговото возило на паркингот пред поликлиниката Железара. Според пријавеното во полиција, лекарот го нашле неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.