Со изменетиот, прецизиран, дополнет француски предлог го добивме она за што со години се бориме, а тоа е чиста формулација на македонскиот јазик, без никакви фусноти, ѕвездички, дообјаснувања, што за нас беше најважно во зачувување на нашите национални интереси, нагласува вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за МИА.
Според него, друга важна разлика од овој и претходниот предлог е тоа што преговарачкиот процес односно Меѓувладината конференција и скринингот ќе можат да се реализираме без одлагања, без дополнителни услови, без пред тоа да треба да се менува Уставот со цел внесување на трите етнички заедници.
Во интервјуто тој говори и за унилатералната изјава во однос на јазикот и нејзините натамошни импликации во преговарачкиот процес. Маричиќ вели дека Бугарија има право да поднесе унилатерална нота, мислење, како што и секоја друга земја го има тоа право.
Тоа ќе го направи на првиот состанок на меѓувладината конференција, со давање изјава која ќе биде ставена во записникот на состанокот. И ова ќе се случи само еднаш, со што прашањето за македонскиот јазик ќе се затвори и веќе нема да се отвора. Во записникот на отворањето на преговорите двете ноти, и нашата и бугарската, ќе бидат забележени. Но, најважно е дека ние процесот на преговори ќе го водиме внатре во ЕУ институциите на македонски јазик, преговарачката рамка, сите документи ќе се преведуваат на македонски јазик, без додавки, без фусноти, без ѕвездички – чист, признаен и од цела Европа потврден македонски јазик, нагласува Маричиќ.
Вели дека доказ за признавањето и користењето на македонскиот јазик во ЕУ, ќе биде Договорот за ФРОНТЕКС, кој повеќе од три години не е потпишан, со стандардна клаузула на македонски јазик.
Ако се согласиме со овој предлог добиваме чиста формулација за македонскиот јазик во ЕУ, историските прашања и Протоколот излегуваат од преговарачката рамка и имаме механизми за решавање на прашањата со Бугарија од кои нема отстапување и можност за дополнителни забелешки или барања, вели Маричиќ.
Вицепремирот за европски прашања во интервјуто се осврнува на протоколот и на прашањето зошто тој се уште не е достапен, на можноста за билатерализација на преговарачкиот процес, но и на тоа дали историјата сега повеќе навистина не е во преговарачката рамка, со оглед на тоа што во предлогот се упатува на членот 12 од Договорот за добрососедство…
Во продолжение следува целото интервју со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ:
Француски предлог со големо НЕ и сега со големо ДА. Ќе може ли прецизно да ни кажете што е ново и различно од претходно, во официјалниот предлог испратен во Скопје?
-Големото и суштинско НЕ премиерот Ковачевски го даде на денот на одржувањето на Самитот на ЕУ – Западен Балкан и се однесуваше на првиот предлог, во кој не беа земени предвид нашите клучни барања. Нашата аргументирана реакција сега дава шанса за судбоносно ДА за европска иднина на земјава, бидејќи со изменетиот, прецизиран, дополнет француски предлог го добивме она за што со години се бориме, а тоа е чиста формулација на македонскиот јазик, без никакви фусноти, ѕвездички, дообјаснувања, што за нас беше најважно во зачувување на нашите национални интереси. Друга важна разлика е што преговарачкиот процес односно Меѓувладината конференција и скринингот ќе можеме да ги реализираме без одлагања, без дополнителни услови, без пред тоа да треба да се менува Уставот со цел внесување на трите етнички заедници. Тој т.н. скрининг како прва фаза од преговарачкиот процес во просек кај другите држави траеше по 12 и повеќе месеци. Во претходниот предлог се бараше промена на Уставот веднаш, пред било каков следен чекор, и ние тоа го отфрливме. Сега, со изменетиот предлог ветото се крева без да мора да се менува Уставот веднаш. Понатаму, со овој предлог историските прашања не се дел од преговарачката рамка, односно не се критериум, а и Протоколот како документ веќе го нема во преговарачката рамка. Ова е и можност за ставање крај на лавиринтот во решавањето на отворените прашања со Бугарија и старт на долгоочекуваните преговори со Европската Унија.
Бидејќи е нов предлог, дали тој повторно ќе оди на бугарското Собрание?
-Тоа не е наше да кажеме, но потенцирам дека станува збор за францускиот предлог со извесни сега измени, дополнувања, прецизирања кои беа важни за македонската страна.
Она што го слушаме деновиве од надлежните претставници на Владата е дека со францускиот предлог македонскиот јазик е апсолутно чист и еднаков со сите други јазици во Европа. Дали навистина јазикот е заштитен, со оглед на тоа што интепретацијата, едностраната изјава останува?
-Со сигурност ве уверувам дека македонскиот јазик успеавме да го заштитиме, онака како што ветивме. Граѓаните нема за што да се грижат, македонскиот јазик со овој предлог станува еден од идните официјални јазици на Европската Унија.
Бугарија има право да поднесе униталерална нота, мислење, како што и секоја друга земја го има тоа право. Тоа ќе го направи на првиот состанок на меѓувладината конференција, со давање изјава која ќе биде ставена во записникот на состанокот. И ова ќе се случи само еднаш, со што прашањето за македонскиот јазик ќе се затвори и веќе нема да се отвора. Во записникот на отворањето на преговорите двете ноти, и нашата и бугарската, ќе бидат забележени. Но, најважно е дека ние процесот на преговори ќе го водиме внатре во ЕУ институциите на македонски јазик, преговарачката рамка, сите документи ќе се преведуваат на македонски јазик, без додавки, без фусноти, без ѕвездички – чист, признаен и од цела Европа потврден македонски јазик.
Како доказ за ова што го зборувам, за признавањето и користењето на македонскиот јазик во ЕУ, ќе биде Договорот за ФРОНТЕКС, кој повеќе од три години не е потпишан, со стандардна клаузула на македонски јазик.
Преку заштита на македонскиот јазик најдиректно обезбедуваме и заштита на идентитетот на македонскиот народ. Доказ за тоа е што францускиот предлог се повикува и на Договорот од Преспа – тоа значи дека ние ќе почнеме преговори како Македонци кои зборуваат македонски јазик, токму така како што утврдува Договорот од Преспа.
Унилатерална изјава сепак создава нејаснотии, Османи вчера на брифингот со новинари истакна дека едностраната изјава на Бугарија не е во рамката, туку во записникот и Вие тоа го потенцирате, но сепак каков е опсегот на импликации кои таа изјава би ги имала?
-Никакви импликации нема едностраната изјава на Бугарија врз преговарачкиот процес. Никако не влијае изјавата на Бугарија по однос на јазикот врз преговарачката рамка и напредокот на евроинтеграциите. Уште еднаш ќе објаснам дека тоа е мислење во облик на декларација и истото да се приложи на записникот од усвоените заклучоци на Европскиот Совет. Истото ќе го го направиме и ние. Македонија ќе го изрази својот став во облик на сопствена декларација која ќе ја составиме земајќи ја предвид Резолуцијата во Собранието на Македонија, и ќе ја приложиме на записникот од првата меѓувладина конференција.
Разликата е во тоа што содржината на нашата изјава ќе биде следена од ставот на ЕУ, а тоа е дека јазикот на нашата држава и нашиот народ е македонскиот јазик и дека ние нашите ставови во ЕУ ќе ги изнесуваме на нашиот македонски јазик и севкупната комуникација ќе биде преведувана на и од македонски јазик, повторувам без фусноти, без дообјаснувања.
Опозицијата обвинува за „бугаризација”, „асимилација”, ништење на македонскиот јазик, идентитет,… Реални ли се овие стравувања?
-Овие неодговорни и навредливи манипулации се на исто ниво како нивните тврдења за федерализација, за кантонизација на државата, нивните лаги дека земјава ќе ја населеле 100.000 мигранти. Па тие уште со Договорот од Преспа манипулираа дека АСНОМ бил избришан од Уставот, иако сега се спомнува повеќе пати од претходно или дека јазикот и народот ни станал северномакедонски, при јасно напишани и меѓународно потврдени членови од Договорот со кои Грција признава и потврдува дека во Македонија живее македонски народ кој зборува македонски јазик.
Апсолутно не. Од самиот почеток на преговорите, единствена цел е интересот на државата и граѓаните, на македонскиот народ, а Резолуцијата потпишана во Собранието и нашите црвени линии беа наша појдовна точка. Направивме многу, а плодот на заложбата и искрена посветеност на целиот процес е овој предлог во кој успеавме да бидат вградени македонските ставови и забелешки.
Затоа и сакавме да го споделиме јавно францускиот предлог, сами да го видат граѓаните, да се информирани и на овој начин да ги заштитиме од дезинформациите на опозицијата. Од друга страна со овој пристап се дава можност вакви прашања од државен интерес да се слушнат и мислењата на широката јавност и заедно да ја донесеме одлуката за иднината на нашата земја и нашата иднина. Ние сме тука, ќе разговараме, ќе објаснуваме, ќе аргументираме, но и ќе ги разобличуваме лагите бидејќи нема поголема идеја од европската идеја за македонската држава.
Ќе бидеме постојано тука со и за граѓаните и нема да дозволиме политичари како Мицкоски и Апасиев кои отворено велат дека не им требале ниту Европа ниту НАТО да манипулираат со народ и држава каде огромно мнозинство е за Европа и за НАТО.
Ние резервна татковина и резервен план за нашата интеграција немаме – затоа правиме се да ги заштитиме македонските национални интереси и македонскиот идентитет и на тој начин нашата татковина да ја однесеме сериозен чекор напред и поблиску до ЕУ, сега за прв пат со признаен македонски јазик во рамки на ЕУ институциите.
Вчера на Фејсбук објавивте цитирам: „Имаме можност за чист напредок во европските интеграции со чист македонски јазик и идентитет признаен од целата Европска Унија. Тоа го добиваме без никакви условувања или отстапки”.Што е она што го добиваме со условување и отстапки?
-Напишав дека имаме можност да добиеме македонскиот јазик да биде признаен од целата ЕУ без условувања и без отстапки. Не со, туку без.
Во предложените заклучоци акцент се става на билатералните спогодби, не помалку важен е и протоколот од вториот меѓувладин состанок, Договорот за добрососедство со Бугарија станува клучен услов во процесот. Зошто го немаме протоколот, кој исто така е суштински и министерот на Османи на последните брифинзи не го објавува- таму ли се замките и (не)поволностите за земјава?
-Нема никакви замки. Билатералните протоколи не се дел, односно не се спомнати во модификуваниот предлог на преговарачката рамка. И тоа беше едно од нашите барања кое успеавме да го добиеме, со што сега имаме два паралелни процеси.
Договорот за добрососедство со Бугарија не е клучен услов во процесот, бидејќи се наоѓа во општиот дел од рамката, каде што се принципите за добрососедски односи, а не во делот на патокази и Копенхашките критериуми. Ќе потсетам уште еднаш дека и Договорот од Преспа се наведува во општиот дел од рамката, а Преспа потврдува дека во Македонија живее македонскиот народ кој говори македонски јазик. И сега тој документ станува дел од европските процеси.
Доброседството е критерум за оценување на нашиот напредок во пристапниот процес уште од 2001 година, кога се потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација. И тоа не е ексклузивно за нас, туку за сите земји кандидатки. За исполнување на овој критериум редовно на годишна основа се известува од страна на Европската Комисија во годишните извештаи по кои Советот на ЕУ носи заклучоци. Самото склучување на Преспанскиот договор и Договорот за пријателство и добрососедство е поздравено од Европската Комисија и Европскиот Совет и впрочем ни овозможи да дојдеме до овој момент кога сме на самиот праг на почеток на преговорите.
Македонија и Бугарија врз основа на добра воља треба да ги унапредуваат односите. Треба да се напомене и дека Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, во параграфот 5, беше содржан и во иницијалниот предлог на Европската Комисија, во Германскиот предлог како и во Португалскиот предлог. Сега тој дел е допрецизиран со годишните прегледи и мерки за спроведување предвидени со работата на Заедничката меѓувладина комисија согалсно со член 12, но не и со вметнување на билатералните протоколи (или поточно записници) од состаноците на Заедничката меѓувладина комисија.
Разликата помеѓу последниот француски предлог и старите, германскиот и португалскиот предлог, е формулацијата на реченицата, која сеедно значи имплементација на Договорот со опипливи резултати, на што ние веќе започнавме да работиме преку работните групи, кои ги формиравме на различни нивоа. Ние на тие работни групи настапуваме со јасни македонски позиции и сигурен сум дека без разлика кој политичар ќе седи на таа маса, достојно ќе може да ги брани македонските позиции, гласно и јасно на македонски јазик.
Македонската страна бараше гаранции дека вклучувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последно барање од Софија. Вчера напишавте дека „Нашиот европски напредок веќе нема да зависи од историските прашања кои ги покрева Бугарија и за кои треба да разговараме, но за кои никој од македонска страна нема да може да биде условуван”, сепак има забелешки дека и протоколот и историјата остануваат во преговарачката рамка, протоколот како „годишен преглед и мерки за неговото ефективно спроведување”, историјата преку упатување на член 12 од Договорот за добрососедство и содржината на протоколот?
-Не, член 12 не значи внесување на историја во преговарачката рамка туку одржување една средба годишно на меѓувладината комисија на двете држави. Ние сме одговорна европска држава и имаме намера достоинствено да ги промовираме и потврдуваме македонските интереси и во работни групи, и во меѓувладини комисии, и во билатералните односи, и во европските институции. Тоа никако не значи дека историјата станала дел од преговарачката рамка, напротив. Уште еднаш ќе објаснам дека Протоколот и историјата НЕ остануваат во преговарачката рамка, туку остануваат во делот на билатерални односи. „Годишен преглед и мерки за неговото ефективно спроведување” се однесува на Договорите, и тој со Грција и тој со Бугарија. После зборот „имплементација” стои и формулација, која не е суштински ништо поразлична од предходните предлози. Тие годишни прегледи не се содржина, туку се механизам за имплементација на Договорот, кој што се базира на годишни средби од кои произлегуваат резултати.
На тие годишни средби, на паритетна основа, под еднакво учествува и нашата влада и бугарската ни таму ништо не може да ни се наметне. Сето она што ќе биде договорено, договорено е со наша согласност и тоа е еден вид на гаранција дека никој ништо не може да ни наметне во овој процес и дека со билатерален механизам ќе ги решаваме разликите.
Забелешки има и дека стартот на преговорите го добиваме на рати, меѓувладина конференција и скрининг, а отворање на првото поглавје по отворањето на Уставот. Што всушност значи старт на преговорите, дали во нашиот случај сега се видоизменува овој процес?
-Меѓувладина седница, па скрининг, па отворање прво поглавје. Ова се „ратите” кои ги споменавате и по истиот редослед се спроведоа за сите земји членки на ЕУ, ние не сме никаков исклучок во таа смисла. Оваа прва фаза од преговарачкиот процес вообичаено трае 12 и повеќе месеци. Во моментот кога ќе завршиме со скринингот ќе треба да завршиме и со уставните измени со што кон постоечките седум уставни етнички заедцници ќе додадеме уште три, односно Бугарите, Хрватите и Црногорците. После тоа влегуваме во поглавјата од преговарачката рамка. Уверен сум дека Македонците и граѓаните на Македонија нема да имаат проблем уште еднаш да ја потврдиме мултиклутурноста на нашето еднакво општество, во интерес на нашата европска иднина.
Одлуката ја носи Владата, но кажавте дека ќе има широки консултации, а предлогот ќе оди и во Собранието. Опозицијата мобилизира семакедонски отпор , а има барања и за референдумско изјаснување. Како ќе се донесе одлуката ?
-Онака како што ветивме, кога ќе го добиеме официјалниот предлог дека ќе го споделиме со македонската јавност, за да биде достапен за сите и го ставивме на широка јавна дебата. Прво дебатиравме со коалициските партнери, имавме и брифинг средба со новинарите, експерти од различни области, професори, граѓански сектор, политички аналитичари и со дипломатскиот кор во земјава. Денес за предлогот ќе дискутираме и на Советот за безбедност и очекуваме сите, со иста волја и желба, да ја потврдиме европската иднина на Македонија. Договорена е и средба на премиерот Ковачевски со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.
Со ваквиот пристап и инклузивен процес одлуката ќе ја донесеме заеднички, која верувам дека ќе биде мудра и рационална.
Се има впечаток дека премногу се брза и дека не може да се видат замките во овој нов предлог. Тој дури и не е преведен на македонски јазик, зошто толку брзање. Ние чекаме во ЕУ скоро две децении, а сега ќе носиме одлука за два дена-зошто?
-Тешко можеме да кажеме дека се брза ако веќе 17 години сме во чекалната за почеток на преговорите. Преговорите за изнаоѓање на решение со Бугарија траат скоро три години. Така што, далеку од тоа дека брзаме. Секое одлагање и губење време отвора можност за нови дневнополитички случувања. Не е момент за играње со времето, кое не работи во наш интерес. Колку се одолговлекува спорот со Бугарија толку ќе биде потешко за решавање. Оваа шанса за затворање на прашањето за јазикот, внатре во Унијата, не верувам дека ќе ја имаме уште еднаш. Погледнете ги политичките случувања во Бугарија.
Ако не е согласиме сега и веднаш, што губи земјава, ако се согласиме со ваков модифициран предлог што добиваме и кој е гарант за се тоа, ЕУ, заедно со Бугарија, Макрон, дали и САД се во гаранциите?
-Ако се согласиме со овој предлог добиваме чиста формулација за македонскиот јазик во ЕУ, историските прашања и Протоколот излегуваат од преговарачката рамка и имаме механизми за решавање на прашањата со Бугарија од кои нема отстапување и можност за дополнителни забелешки или барања. Прифаќањето на францускиот предлог и почетокот на преговорите на Македонија и Албанија, несомнено ќе даде нова енергија и целокупната атмосфера во овие земји, а тоа ќе се рефлектира и врз целиот регион. САД ги поддржуваат нашите напори за одење чекор напред поблиску до ЕУ и секако дека поддржуваат да го почнеме процесот на преговори, а тоа да биде одобрено од сите земји на ЕУ вклучително и Бугарија, за што имаме историска можност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.