На денешниот објаснувачки скрининг состанок за Поглавјето 19, „Вработување и социјална политика“, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во своето воведно излагање кажа дека правична распределба на средствата е основна појдовна точка за социјалната политика на Македонија и ЕУ и дека Владата останува посветена на создавање еднакви можности за сите и зајакнување на социјалниот дијалог.
Новата Национална стратегија за вработување 2021-2027 година, која е донесена со Акциониот план 2021-2023 година, вклучува политики за развој на економијата и создавање пристојни работни места, инклузивност на политиките на пазарот на труд и подобрување на квалитетот на образовните резултати на сите нивоа. Во вториот квартал од 2022 година, стапката на невработеност се намали на 14,5%, додека целта поставена во Стратегијата е да достигне стапка на невработеност од 11% до 2027 година, истакна вицепремиерот Маричиќ на скрининг состанокот.
Во областа на вработување и социјална политика, тој рече дека земјата континуирано се усогласува со релевантното законодавство на ЕУ и во институционалните капацитети, што е потврдено во последниот годишен Извештај на Европската комисија.
Подготвуваме нов Закон за работни односи кој е усогласен со релевантното законодавство на ЕУ и конвенциите на Меѓународната организација на трудот, најави Маричиќ, додавајќи дека се подготвуваат измените и дополнувањата на Законот за вработување и осигурување од невработеност, за воведување на гарантен механизам за заштита на правата на вработените во случаи на неликвидност на работодавците, согласно релевантната директива на ЕУ (2008/94/EC).
Главниот преговарач со Унијата, Маричиќ потенцираше дека Македонија ги има зголемено бенефициите за социјална помош и продолжи со спроведувањето на мерките за ублажување за справување со социо-економското влијание на пандемијата COVID-19.
Во своето обраќање се осврна и на последните мерки и позитивен чекор на Владата за заштита и подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и намалување на нееднаквоста, со зголемувањето на минималната плата, од која директен бенефит имаат 17% од работната сила.
До крајот на оваа недела ќе се одржат уште четири објаснувачки скрининг состаноци и тоа за Поглавје 20, „Претпријатија и индустриска политика“, Поглавје 29, „Царинска унија“, Поглавје 16, „Оданочување“ и Поглавје 25, „Наука и истражување“. Со тоа ќе се заокружи објаснувачкиот скрининг за Кластерот 3, „Конкурентност и инклузивен раст“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.