Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во интервјуто за српски „Блиц“ изјави дека во изминатите години постоеле ситуации за кои постојано имало разбирање од многу држави членки на ЕУ за нашите позиции и тоа нивно разбирање сме го искористиле во текот на разговорите со Бугарите, за да дојдеме до едно компромисно решение, кое ги штити нашите национални позиции.
-Со овој предлог меѓувладината конференција и скринингот ќе можеме да ги реализираме без одлагања, без дополнителни услови, без пред тоа да треба да се менува Уставот со цел внесување на трите етнички заедници.Постигнато е она што со години се боревме, членство во ЕУ со заштитени државни интереси, мора да сме мудри и рационални во овој важен момент за нас, но и за регионот, вели за „Блиц“ Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ рече дека и Владата и сите од парламентарниот состав еднаш веќе се поставија многу одговорно, кога ја усвоија заеднички и едногласно Резолуцијата за нашите црвени линии, и дека верува оти и сега ќе се постават одговорно и државнички кон ова историско прашање за државата.
-Резолуцијата за нашите црвени линии ја поддржаа сите политички партии и сите етнички заедници кои се во парламентарниот состав. Мислам дека тоа требаше да го најави единството меѓу Македонците и меѓу сите други етнички заедници и народи во Северна Македонија дека сме на иста страна и дека имаме ист интерес, изјави Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ на прашањето дали постои опасност за зголемување на нетрпеливост и внатрешна дестабилизација доколку се прифати предлогот изјави дека единствената опасност за дестабилизација гледа од испуштање на европскиот дискурс на земјата и стопирање на евроинтегративниот процес и дека во тој случај се отвора можноста за пропагандата на анти ЕУ и анти НАТО.
Според Маричиќ усвојувањето на францускиот предлог нема да влијае врз стабилноста на Владата, бидејќи владината коалиција е насочена кон решавање на предизвиците со функционира одлично и тоа го потврдија и со потпишувањето на Декларацијата од страна на лидерите на сите коалициски партнери, според која избори се планирани во редовниот рок, 2024 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.