Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во обраќањето на состанокот за отворање на скрининг говореше за предизвиците и очекувањата од новата Методологија во периодот кој претстои, и посочи дека верува дека новата Методологија, ќе даде нов поттик за пристапните преговори и ќе ја потврди посветеноста на Унијата кон политиката за проширување заедно со заложбите дадени во Солунската агенда и последователните Декларации од Софија, Загреб и Брдо.
Очекуваме новата Методологија да ја покаже и докаже на дело својата основна цел – динамизирање на пристапните преговори, забрзана и неповратна трансформација на нашите општества во целосно функционални демократии еднакви на членките на Унијата, конвергенција на нашите економии и намалување на разликите во споредба со оние на земјите-членки на ЕУ, и на регионално и на државно ниво – рече Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ е убеден дека врз основа на научените лекции, овојпат ќе биде полесно да се подготви администрацијата за ажурирањето на европското законодавство (acquis communitaure), иако смета дека е предизвик е што ќе мора да се работи паралелно на билатералниот скрининг.
Како вицепремиер за европски прашања заедно со мојата институција, Секретаријатот за европски прашања како главно координативно тело за преговарачкиот процес во Македонија, ќе ги насочиме нашите напори во обезбедување непречен тек на преговарачкиот процес во сите негови аспекти преку мобилизација на администрацијата бидејќи таа се смета за столб на овој процес. Во наредните недели ќе ја финализираме ревизијата на актите за преговарачката структура од 2019 година и ќе ја операционализираме – посочи вицепремиерот Маричиќ.
Во однос на поддршката на реформите поврзани со европската агенда, Маричиќ најави дополнително зајакнување на капацитетот за апсорпција на расположливите ИПА фондови, како и друга билатерална развојна помош.
Поставивме амбициозна цел да бидеме подготвени да се приклучиме на Унијата до 2030 година, надевајќи се дека и ЕУ ќе биде подготвена да нè пречека, дејствувајќи како катализатор на патот – рече вицепремиерот Маричиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.