Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во денешното интервју за „Алсат“ рече дека скринингот практично претставува еден начин да се мобилизира администрацијата и дека веќе се работи на финиширање на преговарачката структура со сите потребни акти и назначувања.
– Очекувам до крајот на овој месец да ја претставам, потоа во еден интензивен период до 15 септември на сите министерства, на сите институции им објасниме точно која е нивната улога во скринингот и од 15 септември натаму да започнеме со тој процес. Ќе биде многу интензивно, секое поглавје ќе трае неколку дена, зависно од тоа колку е обемно. Важно ќе биде сите со внимание да ги следиме презентациите и да учествуваме активно во нив затоа што тоа ќе биде основа за претставување или поставување на критериумите за отворање и затворање на поглавјата понатаму, кажа Маричиќ во интервјуто.
Вицепремиерот Маричиќ го објасни дека процесот на скрининг ќе се одвива во две фази и дека кој започнува на 15 септември и по веќе дефиниран календар се очекува да трае до ноември 2023 година.
– По завршување на овој објаснувачки скрининг, следува билатералниот скрининг, каде што се вклучени не само Европската Комисија, и ние и Албанија, туку и државите членки на ЕУ, каде што сите тие ќе изнесат и свои видувања за нашата усогласеност во сите делови, во сите кластери и поглавја. Тој процес е важен за нашата администрација бидејќи треба да ни ја даде сликата до каде сме со усогласување со европското законодавство, што уште треба да направиме, но и како во пракса да се спроведат полесно и побрзо тие правила, посочи Маричиќ.
На прашањето дали отворањето и затворањето на кластерите ќе биде едноставно и кои кластери се очекува да бидат најтешки, вицепремиерот Маричиќ одговори дека секое поглавје и секој кластер има своја тежина и дека сите имаат свое значење во интеграцијата на државата во ЕУ, посочувајќи го Кластерот „Темелни вредности“ како најзначаен со најголема тежина, а Кластерот „Внатрешен пазар“ како најобемен, бидејќи треба практично нашиот систем да се интегрира во внатрешниот пазар на Европската Унија.
– Секако најзначаен со најголема тежина, поставена од самата нова методологија на преговори, е кластерот на Темелни вредности, кој прв се отвора, последен се затвора и останува отворен во текот на целите преговори. Меѓутоа има други кластери коишто не се помалку тешки и помалку важни, истакна Маричиќ, додавајќи дека веќе имаме добра усогласеност во голем број на кластерите.
Вицепремиерот Маричиќ посочи дека покрај на подготовките за скринингот, паралелно и непречено се работи на превод на европското законодавство и дека и оваа година очекува да се држи темпото од минатата година, кога беа преведени преку 17 илјади страници.
– Ова е важна задача, важен процес. На ова обрнуваме посебно внимание и планираме да го зајакнеме со повеќе луѓе секторот за превод тука во Секретаријатот за европски прашања, но исто така и заедно со универзитетите, факултетите и фирмите за превод, да градиме една нова генерација на преведувачи којашто ќе треба да работи во европските институции и да се занимава со превод на дневна основа, бидејќи македонскиот јазик ќе стане еден од официјалните јазици на ЕУ. За сето тоа да функционира потребно е да има луѓе коишто ќе работат на превод, рече вицепремиерот Маричиќ
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.