Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција го најави првиот скрининг Извештај за Кластерот „Фундаментални вредности“ кој земјава, согласно најавите од Брисел, го очекува во првиот квартал од 2023 година.
Овој Кластер опфаќа пет Поглавја и тоа Поглавјата поврзани со владеењето на правото – 3.23 Правосудство и фундаментални права и 3.24 Правда, слобода и безбедност, како и 3.05 Јавни набавки, 3.18 Статистика и 3.32 Финансиска контрола. Во кластерот се и новите области кои се дел од преговарачкиот процес – функционирање на демократските институции, реформата на јавната администрација и економские критериуми, рече Маричиќ.
Притоа информираше дека за овој Кластер треба да се подготват три патокази кои ќе треба да ја рефлектираат политичката заложба за спроведување на клучните стратешки реформи преку дефинирање на краткорочни и среднорочни цели, и тоа: Патоказ за владеење на правото, Патоказ за функционирање на демократските институции, кој нема да биде одредница за отворање на Кластерот и Патоказ за реформа на јавната администрација, кој ќе биде и одредница за отворање на Кластерот и кој треба да се фокусира на градење на професионална администрација во служба на граѓаните и на јакнење на административните капацитети за спроведување на законите и политиките кои се усогласени со европските стандарди.
Дополнително, во рамки на Патоказот за владеење на правото – ќе треба да се подготви и Акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата и заедниците со мерки за недискриминација, борба против говор на омраза и образование, рече Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ ја претстави и временската рамка во која се очекува да се реализира објаснувачкиот скрининг според поглавја заедно со билатералниот скрининг. Календарот на состаноци го дефинира Европската комисија, и врз основа на она што им било презентирано на состанокот за отворање на скринингот, како начелен календар на ЕК (кој може да претрпи одредени измени), може да се види дека ќе не очекува динамичен период, со оглед на тоа што процесот на презентирање на новото законодавство започнува од септември оваа година, а паралелно во период од околу 15 месеци ќе се одвива и билатералниот скрининг, односно Европската Комисија планира овој процес да заврши до ноември 2023 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.