Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска во Атина оствари средба со алтернативниот министер за надворешни работи на Република Грција задолжен за европски прашања, Милтиадис Варвициотис, на која беше разговарано за евроинтегративниот процес на Македонија и соработката меѓу двете земји на ова поле.

Македонија ја има Грција за партнер и силен поддржувач на европскиот пат. Добрососедските односи и поддршката која ја имаме од Грција отвораат простор да се фокусираме и да зборуваме за европската иднина и за македонските евроинтеграции, рече Маричиќ на средбата.

Министерот Варвициотис потврди дека Грција е искрен и силен поддржувач на Македонија на европскиот пат и дека во текот на процесот на преговори можеме да сметаме на помош во постигнувањето на европските стандарди и забрзување на евроинтеграцијата.

Тој додаде дека е задоволен од досегашната соработка и добрите односи помеѓу двете земји, пример што треба да го следат и други земји, но и дека европскиот курс на тесно поврзан со спроведувањето на Договорот од Преспа. Почитувањето на меѓународното право е единствениот начин за градење добрососедски односи и просперитетна иднина на двата народи, додаде Варвициотис на средбата.

За вицепремиерот Маричиќ денешната официјална посета на Атина е уште една потврда за постоење на добра политичка волја и потенцијал за меѓусебна соработка во остварувањето на заедничките стратешки цели и нови инфраструктурни проекти кои ќе ја зголемат мобилноста на нашите граѓани, како отворањето на граничниот премин Маркова Нога за кој соговорниците изразија уверување дека ќе има успешна реализација и брзо и ефикасно отворање.

На состанокот Маричиќ и неговиот грчки колега Варвициотис дискутираа и за билатералните односи, случувањата во регионот, проширувањето на ЕУ, енергијата, војната во Украина и кризите предизвикани од истата.

Во рамки на посетата на Атина, Маричиќ ќе земи учество како главен говорник на тркалезна маса организирана од Програмата за Југоисточна Европа на Грчката фондација за европска и надворешна политика ЕЛИАМЕП.

После билатералниот состанокот на двете делегации предводени, вицепремиерот Маричиќ и грчкиот алтернативен министер за надворешни работи задолжен за европски прашања, Варвициотис одржаа заедничка прес-конференција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.