Билатералните односи, постојаната поддршка на Романија за европската интеграција на Македонија и други актуелни случувања во земјата, беа во фокусот на средбата на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ со шефицата на романската дипломатија Луминица Одобеску, која е во работна посета на Македонија.

Како што соопшти СЕП, Маричиќ ја истакнал важноста на пријателската соработка и долгогодишната поддршка од страна на Романија која и ја дава на Македонија на патот кон ЕУ. Поддршката е фокусирана во соработката која се реализира во повеќе сфери, меѓу кои борбата со корупцијата, правосудството, сајбер безбедноста, внатрешните работи и цивилната заштита.

На состанокот Маричиќ кажал дека Владата е цврсто детерминирана во процесот на евроинтергација на државата, а пријателските односи на Македонија со Романија влијаат позитивно во рамки на остварување на нашата стратешка цел.

-Соработката помеѓу нашите држави е од исклучителна важност на патот кон ЕУ, а позитивните искуства и пракса на Романија во евроинтегративниот процес се добар пример за спроведувањето на реформите кај нас, посочил вицепремиерот Маричиќ.

Романија, додал Маричиќ, е наш клучен партнер од регионот на Југоисточна Европа, со градење добри релации во регионот се реализира успешната регионална соработка и стабилен Западен Балкан и Југоисточна Европа.

На состанокот се разговарало и за искуството на Романија на нивниот пат кон ЕУ, како и предизвиците од сличен карактер кои со решавање и пристапувањето во унијата биле надминати со што се достигнал значаен развој за државата, а граѓаните стекнале поголема доверба во системот заради успешната транзиција.

Романската министерка за надворешни работи изјавила дека Романија близок пријател на Македонија истакнувајќи ја поддршката за нашето приклучување во ЕУ. Одобеску кажала дека ова е суштински момент за Македонија, потенцирајќи дека се свесни за предизвиците со кои се соочуваме, од искуството на Романија на европскиот пат, стои во соопштението на СЕП.

На крај на состанокот соговорниците потенцирале дека граѓаните на Македонија ќе добијат многу поголема доверба штом ќе се надминат предизвиците, а процесот на реформи да продолжи на патот до ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.