Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ се сретна со амбасадорот Џим О’Брајан, шеф на Одделот за координација на санкции при Стејт Департментот и именуван помошник државен секретар за Европа и Евро-Азија, со кој разменија мислења за актуелните процеси кои ги води Македонија и за улогата на нашата држава во зачувувањето на регионалната стабилност.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, вицепремиерот Маричиќ нагласи дека досегашната несебична пријателска поддршка на Соединетите Американски Држави одиграла важна улога во зачувувањето на стабилноста и мултиетничката хармонија во македонското општество, како и во остварувањето на стратешкиот интерес – членството во НАТО. Во тој контекст Маричиќ, се додава, изрази очекување дека плодната соработка меѓу двете земји ќе продолжи и во процесот на интеграција во ЕУ, како и во исполнувањето на реформската агенда.

Пораката на Џим О’Брајан, шефот на Одделот за координација на санкции при Стејт Департмент и именуван помошник државен секретар за Европа и Евро-Азија, кој има одлично познавање на состојбите во Западен Балкан беше дека Македонија мора да остане непоколеблива во исполнувањето на визијата за ЕУ и е на добар пат да ја обезбеди европската перспектива, која ќе ја направи клучен фактор за регионалната стабилност и дефинирањето на новите европски граници.

Маричиќ, се наведува понатаму, се заблагодари на О‘ Брајан што САД го препознава нашето лидерство и што ја цени решителноста и посветеноста на реформите кои како што рече тој, „мораме да ги продолжиме подинамично, со посебен акцент на владеењето на правото и борбата против корупцијата, како главни предуслови за напредок во евроинтеграцијата“.

Соговорниците на средбата се согласија дека довербата и сојузништво кои ги имаме во НАТО, заедно со стратешкото партнерство, ги унапредија односите меѓу двете земји и зајакнаа подготвеноста на американската администрација да дава силна поддршка на Македонија во преговорите со ЕУ, со цел побрзо достигнување на европските вредности и исполнување на нашата стратешка цел, се подвлекува во соопштението.

Имајќи ја предвид важноста на процесот на преговори со ЕУ за просперитетот и развојот на регионот, вицепремиерот, се нагласува, го изрази своето задоволство од вниманието кое САД го посветува на Западен Балкан, со уверување дека Владата ќе ги направи сите напори да остане  Македонија позитивен пример и промотор на евроатлантските вредности во регионот.

Во рамки на официјалната посета на Вашингтон, вицепремиерот Маричиќ придружуван од државната секретарка при Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу Халили, ќе се сретне и со американскиот специјален претставник за Западен Балкан и заменик помошник државен секретар за Европа и Евро-Азија, Габриел Ескобар, стои во соопштението од СЕП.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.