Следната 2023 година да биде уште поуспешна година, да останеме доследни на стратешките цели и Македонија да ги продолжи преговорите, порача заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во неговата новогодишна честитка до граѓаните.

Во периодот кој следи мудро да ја искористиме наклонетоста која ја имаме кај европските институции, геополитичките случувања и доброто ниво на подготовка на земјата за побрзо да напредуваме во процесот на евроинтеграциите. Сето ова ми дава реален оптимизам дека 2023 ќе биде уште подинамична, но и поуспешна. Очекувам, во позитивна атмосфера, со заеднички консензус и обединување околу евроинтеграциите, да ги направиме и уставните измени. Ова е прашање кое ќе го одреди правецот на движење на државата и европската перспектива. Очекувам сите да преземат одговорност за судбината на европскиот пат на Македонија и наместо домашна блокада,  Македонија да ги продолжи преговорите со ЕУ – вели вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Маричиќ.

Во видео обраќањето тој, меѓу другото, посочува дека тоа е и желба на граѓаните на земјава.

Граѓаните тоа го сакаат и знаат зошто Македонија треба да чекори на европскиот пат. Тоа е единствениот пат кој нуди сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност за сите нас и државата, наведува вицепремиерот за европски прашања.

Во годината која изминува, одговорно и мудро носевме државнички одлуки за иднината на државата, со кои, вели, после 17 години чекање, на 19 јули ја одржавме првата Меѓународна владина седница и официјално ги започнавме преговорите со Унијата, како Македонци кои зборуваат македонски јазик.

Напорно и посветено работевме на европеизација на македонското општество, а следната година со јасен план и реформски приоритети, додава вицепремиерот, ни претстои брза трансформација, согласно европските стандарди и вредности.

Во честитката Маричиќ на граѓаните им ја честита новата 2023 година со желби за добро здравје, лична и семејна среќа и понатамошни успеси, порачувајќи во годината што доаѓа „да се радуваме на уште повеќе државни успеси, на кои сите ќе бидеме горди, а младите и идните генерации благодарни“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.