За земјите кандидатки временската рамка за членство во ЕУ значи дека има шанса и план за тие кои ќе бидат спремни да станат членки на ЕУ. Тоа ќе го врати и кредибилитетот на политиката на проширување, порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска во воведното излагање на дијалогот за политиката на високи ниво на Школото за транснационално владеење (ЕУИ), на тема: „Отворената стратешка автономија на ЕУ и Западен Балкан“, на кој учествуваше на покана на Европскиот институт од Фиренца.
– Две илјади и триесета како датум за европска перспектива на регионот со конкретен план треба да ни биде мотив и движечка сила за промени, шанса која треба да ја искористиме, рече Маричиќ потенцирајќи дека тоа е клучот да се врати довербата и популарноста за идејата на ЕУ, а не само за процесот на евроинтеграција, соопшти СЕП.
Во таа насока тој додаде дека не е многу популарно да се зборува за временски рамки, нагласувајќи, како што се наведува, дека доколку нема временска рамка секогаш ќе има оправдување зошто и како треба да се одложи проширувањето на ЕУ. Маричиќ се осврна и на планот за забрзување на пристапните преговори, кој треба да биде претставен во следните неколку недели.
– Ветувањето од Солун за европската перспектива треба да биде испорачано преку стратешки план, но во меѓувреме може да се направат неколку работи од сега до членството во ЕУ, покрај преговарачки процес, рече вицепремиерот Маричиќ.
Тој нагласи дека планот за забрзување на пристапувањето во ЕУ на Западен Балкан е нешто што проевропските политичари, структури, влади, граѓанско општество го очекуваа подолго време. Нагласи при тоа дека билатералните теми може да бидат голема пречка и подигнат ѕид помеѓу ЕУ и ЗБ, заради што, според него, потребно е ЕУ да има посебен фокус на менаџирање на билатералните спорови.
– Заедно мораме да ги направиме овие планови да се случат и да успеат, со цел да се заврши интеграцијата на Западен Балкан и како концепт да го победи национализмот, рече Маричиќ, порачувајќи дека на регионот му треба Европа повеќе, посилна и попросперитетна и дека тоа е можно само ако двете страни работат на оваа задача.
На семинарот, кој е во организација на Европскиот универзитет од Фиренца, а со поддршка на италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка учествуваше и евроамбасадорот Дејвид Гир и амбасадорот на Италија во Македонија, Андреа Силвестри, со кој Маричиќ имаше и билатерална средба.
Дијалогот за политиката на високи ниво на Школата за транснационално владеење (ЕУИ), има за цел да ги запознае учесниците со најновите случувања на ниво на ЕУ и да размени идеи за тоа како „Отворената стратешката автономија на ЕУ“ може да влијае на иднината на Западен Балкан и проширувањето на ЕУ, но и како да се вклопи во новата геополитичка реалност.
Настанот е организиран во контекст на поширок проект за градење на дипломатски и лидерски капацитети од Западен Балкан. Преку овој проект околу 50 јавни службеници од регионот биле обучени на ЕУИ во Фиренца на теми поврзани со креирање политики на ЕУ и дипломатски вештини, со цел да се поддржи пристапувањето во ЕУ во регионот и иницијативата за проширување на ЕУИ во регионот, стои во соопштението на СЕП
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.