Соопштение во врска со штрајкот на вработените во Секретаријатот и во стручните единици на МАНУ:

„Во врска со штрајкот на вработените во Секретаријатот и во стручните единици на Академијата, МАНУ го дава следното соопштение:

Раководството на Македонската академија на науките и уметностите, како и досега така и сега, има разбирање и дава безрезервна поддршка и се грижи за решавање на горливиот долгогодишен проблем со ниските лични доходи на сите вработени во Академијата.

Во континуитет, органите на управата, повеќе години наназад, барале од државата системско решение за овој горлив проблем, па така и новото раководство, во текот на последните шест месеци, во два наврата, има поднесено иницијативи до Републичкото собрание за донесување законско системско решение за усогласување на платите со оние во УКИМ и во другите државни универзитети и научни институции, со цел конечно да се прекине дискриминацијата на вработените во МАНУ во однос на нивните ниски лични доходи.

Во меѓувреме, Претседателството на МАНУ, исто така, донесе одлука за изработка на Колективен договор, со коишто МАНУ, функционирајќи како буџетски корисник од прва линија, во своето 60-годишно постоење не располагала.

Затоа се апелира до членовите на Синдикатот да бидат трпеливи и да причекаат почнатите иницијативи (чие натамошно постапување не е во надлежност на МАНУ, туку на Законодавниот дом) да вродат со плод, односно да се изнајде начин за нивелирање на платите во соработка со Владата и со Собранието на државата.

Синдикатот, исто така, се замолува штрајкот да се одвива во согласност со постојната законска регулатива“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.