Претседателството на МАНУ укажува дека Академијата никогаш не се занимавала и нема да се занимава со дневнополитички расправи и партиски дискусии, кои ја оптоваруваат редовната дејност на Академијата, односно со работи кои спаѓаат во доменот на Законодавниот дом и на државните институции, се наведува во соопштението од МАНУ во однос на најавите од некои политички партии за основање на академија на етничките Албанци во Македонија.

Напоменуваме дека во Македонија, како и во земјите во регионот и во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии. Постојат примери во државите во регионот и пошироко за формирање на т.н. струкови академии во рамките на соодветни стручни здруженија (Академија за архитектура, Академија за медицински науки и др.), како и други научно-уметнички друштва во поголемите градови и во регионалните центри, но нема примери за формирање на паралелни национални академии, се подвлекува во соопштението од Претседателство на МАНУ.

МАНУ, се додава, секогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и од каква било друга припадност. За политичките партии и нивните влијанија никогаш немало место во неа.

Од нејзиното основање до денес, членови во Академијата биле припадници на македонскиот народ, но исто така и на сите етнички заедници. Меѓу другите, се посочува во соопштението, во последните петнаесетина години, во составот на МАНУ членуваа четири члена со албанска етничка припадност (од коишто, во трите последователни раководства, еден од нив ја извршуваше функцијата научен секретар, а двајца беа потпретседатели на Академијата, од кои еден и со мандат во актуелното раководство на Академијата), како и четири члена надвор од работниот состав.

МАНУ, се наведува во соопштението, претставува најзначајна национална научна и уметничка институција од посебен општествен интерес во нашата држава, формирана во 1967 година, во согласност со највисоките универзални научни и уметнички стандарди и критериуми. Таа, повеќе децении наназад, со својата научно-истражувачка дејност, преку своето творештво и со советодавната улога, претставува столб во градењето и во зачувувањето на идентитетот и на државноста на македонскиот народ и на деловите од другите народи кои живеат во земјата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.