Заменик-министерката за здравство Маја Манолева ќе побара од владата да ја задолжи јавната установа Заеднички служби за потребите на здравството да изврши итна набавка и промена на локацијата на компресорската станица на Клинички центар.

Манолева, исто така, вели дека ќе побара и итна набавка и замена и на инсталацијата за довод на кислород и на компримиран воздух.

Во изјава за Сител телевизија таа кажа дека имале средба со директорите на клиниките и се договориле за алтернативни решенија за хируршките сали кои изминатите денови не работат поради проблеми со компресорската станица и со инсталацијата за кислород.

„Се договоривме да отпочнат со работа сите хируршки клиники во Клиничкиот центар во операционите сали со користење на надворешни компресори и дополнително со садови со компримиран воздух. Се договоривме оперативниот план и редоследот на пациентите да се реализира согласно одлуката од страна на стручните колегиуми на секоја од клиниките во рамки на индивидуалните капацитети на секоја клиника“, вели Манолева.

Хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје изминатите денови се затворени, а како причина за тоа е наведен непријатниот мирис кој се шири во нив.

Од Министерството за здравство до Обвинителството стигнало известување дека имало проблеми со функционирање на вентилацискиот систем во хируршките сали.

Од Обвинителството, пак, известија дека предметот е распореден кај обвинител, кој треба да провери дали во овој случај има кривично дело, односно дали постои основа да поведе кривична постапка и против кого.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.