Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, доби донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија и од македонската емиграција во Бугарија, информираше Васил Стерјовски, претседател на партијата.

На наше големо задоволство добивме значајна донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија и од македонската емиграција во Бугарија. Оваа мала „Пиринска библиотека“ ќе биде сместена во нашата канцеларија во Пустец и секој Македонец ќе може да се запознае со маките на македонскиот народ под Пирин, бескрајната борба за правда и слобода, како и со народната култура, традициите и животот на Македонците во Бугарија, рече Стерјовски.

Според него во оваа колекција се вклучени дела од познати имиња како поетот Никола Вапцаров, револуционерот Петар Манџуков, државникот Димитар Влахов, и писателот Борис Сандански, внук на Јане Сандански.

Исто така, додава, тука се и дела од основачот на обединетата македонска организација „Илинден“ и долгогодишен затвореник по бугарските затвори Стојан Георгиев, копретседателот на партијата ОМО Илинден-ПИРИН историчарот професор Стојко Стојков, како и делата на академиците Иван Катарџиев и Ѓорги Поп Атанасов, филозофот Стефан Влахов-Мицов и многу други.

Благодарност за донацијата на ОМО Илинден-ПИРИН поддржани од „Комити“-Скопје и BIBLIOTHECA MACEDONICA. Се надеваме дека во иднина ќе развиваме поголема културна соработка меѓу Македонците во Албанија и Македонците во Бугарија, нагласи Стерјовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.