Шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска денеска и утре ќе биде во посета на земјава. Во најавата за нејзината посета не беа откриени многу детали, освен дека е иницирана од нејзиниот македонски колега Бујар Османи и е во насока на продолжување на дијалогот за отворените билатерални прашања меѓу двете земји. Во меѓувреме бугарските медиуми пишуваат и дека Генчовска ќе ја посети и Битола, каде утринава беше запален влезот на културниот центар „Ванчо Михајлов“.

Министерот за надворешни работи Османи го осуди, како што рече, вандалскиот чин, кој се случува на денот кога двете земји остваруваат дијалог на ниво на министри.

Полицијата била повикана рано утринава и увидот се уште е во тек. Опожарена е влезната врата и натписот на клубот над неа. увид изврши и обвинителството од каде најавија дека ќе се обезбедат снимките од безбедносните камери со цел да се утврди сторителот.

Осуди за настанот пристигнаа од државниот врв. Дадени се насоки до институциите веднаш да го расчистат случајот, вели премиерот Димитар Ковачевски според кој:

„Ваквите потпалувачки провокации имаат цел да ги нарушат односите меѓу македонскиот и бугарскиот народ. Затоа, повикувам сите да останеме смирени и достоинствени, а со сторителите ќе се справат институциите.“

И шефот на државата Стево Пендаровски смета дека:

„Ваквите чинови се провокација и не одат во прилог на унапредување на односите со Бугарија.“…пишува Пендаровски на Фејсбук.

Клубот инаку беше отворен во април оваа година во присуство на целиот државен врв на Бугарија, што предизвика бура реакции во македонската јавност, најмногу поради името на културниот клуб Ванчо Михајлов кој се смета за докажан соработник на фашистичкиот режим од Втората светска војна. За време на отворањето не присуствуваше ниту еден претставник на државниот врв, а причината како што беше појаснето беше самото име. Министерот Османи пак веднаш потоа порача дека со отворањето на клуб кој носи име на соработник со фашистичкиот режим од втората светска војна, била фрлена дамка врз разговорите со Бугарија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.