Во амандман на Законот за национална одбрана, Конгресот побара од Пентагон да предложи повеќе воени вежби со Македонија следната година, се дознава од нацрт-законот за буџетот за одбрана за следната фискална година.
Со овој федерален закон САД го утврдуваат годишниот буџет и расходите на Пентагон и годинава за првпат во него се најде и Македонија.
Согласно амандманот, Конгресот му наложува на секретарот за одбрана, во консултација со командантот на Европската команда на САД, да достави до Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом, брифинг во врска со плановите за дополнителни НАТО или заеднички вежби на САД и Македонија за време на фискалната 2023 година која започнува на 1 октомври 2022 година. Тоа треба да се направи најдоцна до 1 декември.
Комитетот силно ја поддржува интегралната улога на Македонија како сојузник на НАТО и ја истакнува вредноста на НАТО вежбата Брз одговор 22 во Македонија за НАТО интероперабилноста, регионалната интеграција и одвраќање против руската агресија, се вели во Законот.
Во него се додава дека од суштинско значење е „САД и останатите НАТО членки да продолжат да спроведуваат слични вежби со Македонија и да настојуваат на натамошната интеграција“.
Македонија е вметната во предложениот законски текст по барање на конгресменката Лиса Мeклејн, копретседавачка со конгресната група за пријателство со Македонија и македонско-американската заедница, а на барање на Обединета македонска дијаспора (ОМД), дознава Гласот на Америка.
Новиот директор на ОМД за Македонија, Гордан Јорданов, претседателот Методија А. Колоски и директорката за развој и унапредување Ема Браун, во јуни имале средба со Мeклејн, со цел да побараат поактивен ангажман на САД во Македонија.
Од самото постоење од 2004 година, ОМД интензивно работи на засилување на односите помеѓу САД и нашата татковина Македонија на секое поле. Чест ми е дека токму пред 30-годишнината на македонската Армија, Конгресот изгласа да се подлабочи врската помеѓу армиите на САД и Македонија. Во својата историја, македонската Армија немала поголем пријател од американската Армија. Заедно сме посилни, изјави Колоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.