Македонија не бележи безмалку никаков напредок во борбата против корупцијата. И покрај силниот притисок од меѓународната заедница и амбасадите во Скопје да се стори нешто во борбата против ова зло, најновиот извештај на Транспаренси Интернешнл покажува дека земјата стои во место – од рангирањето како 86та земја во светот во 2021 година, сега сме на 85-тото место.

Македонија претрпе драматичен пад за време на мандатот на Зоран Заев, кога се симнавме на 106-тото место според корупција во светот. Во мандатот на владата на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија беше меѓу 60-ината најдобро рангирани држави во светот, што сега е мислена именка, особено имајќи го предвид урнисувањето на довербата во судството и секојдневните сериозни корупциски скандали, бегства од затвор и издавањето пасоши на белосветски криминалци. По падот на ранг листата, власта на Заев се бранеше дека станува збор за перцепција, односно впечаток на корупција, за што доби остар прекор од американската амбасадорка Брнс.

Актуелното раководство во амбасадата, поддржано од британската амбасада и амбасадта на ЕУ, веќе неколку месеци бараат власта да почне сериозно да се бори против корупцијата. САД дури испратија тим експерти кои треба да проценат кои од актуелните функционери треба да бидат ставени на црна листа и да претрпат санкции од САД поради корумпираност.

Индексот рангира 180 земји и територии низ целиот свет според перципцијата на граѓаните на корупција во јавниот сектор, а се оценува со оценки на скала од 0 (многу корумпирана) до 100 (многу чиста). На врвот на оваа ранг листа се Данска, Финска, Нов Зеланд, Норвешка, Сингапур, Шведска… Од државите во регионот, најдобро позиционирана е Словенија на 41 место, Грција е 51, Црна Гора 65, Бугарија 72, Косово 84, Србија е 101, а Босна и Херцеговина е на 110 место. Најкорумпирани земји во светот се Јемен, Либија и Северна Кореја.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.