Земјава е на 63. место според  „Индексот на владеење на правото“, на вашингтонската невладина организација World Justice Project.

Извештајот е објавен денеска, а предводник на листата е Данска. За земјите кои се во Европската Унија, Бугарија и Унгарија се наведуваат како најслабо рангирани кога е во прашање владеењето на правото.

Меѓу земјите од Западен Балкан, најдобро пласирано е Косово (57), потоа Македонија (63, на ланската листа 64 – скок за едно место) и Босна и Херцеговина (70). Црна Гора не е спомената на листата. Србија, која бележи пад во однос на лани, годинава е на 83. место, додека Албанија е на 87. место од вкупно 140 рангирани земји.

Од 2009 година, индексот на вашингтонската невладина организација „World Justice Project“ го мери развојот на владеењето на правото, врз основа на осум фактори: Ограничувања на владините овластувања, Отсуство на корупција, Отворена влада, Фундаментални права, Ред и безбедност, Регулаторно спроведување, Граѓанска правда и Кривична правда. За овогодинешниот Индекс на владеење на правото беа анкетирани повеќе од 154.000 домаќинства и 3.600 правни експерти.

Како примери за владеење на правото се издвојуваат Данска, Норвешка, Финска, Шведска и Холандија. Тие ги заземаат првите пет места во рангирањето на владеењето на правото. Германија е на шестото место, бидејќи не добила најдобри оценки за транспарентноста на владините и административните активности. Меѓу другото, затоа што услугите не се доволно достапни за новинарите.

На самото дно на листата се Хаити, Демократска Република Конго, Авганистан, Камбоџа, а на последното место е Венецуела.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.