Владата ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за одбрана, за донесување Одлука за формирање Управен комитет за спроведување на поддршката на Република Македонија како земја домаќин и донесе ваква Одлука.

Република Македонија, како што е посочено во Информацијата од ресорното министерство, почитувајќи ги обврските од членството во НАТО, потребно е да воспостави национален систем за Поддршка од земја домаќин, што подразбира создавање услови за непречен престој, изведување на операции или транзит на сојузничките сили низ територијата на Република Македонија.

Правилното функционирање на системот за ПЗД е од клучно значење за одбраната на земјата и кредибилитетот на државата како сојузник и партнер.

За почеток е идентификувана потребата од донесување на Упатство за поддршка од земја домаќин, со што ќе се воспостави систем на активности во поддршка на НАТО и партнерите на територијата на Република Македонија.

Според Упатството, НАТО/ЕУ силите ја користат ПЗД како извор на снабдување со стоки и услуги, коишто земјата домаќин ги обезбедува врз основа на националното законодавство, националните приоритети и актуелните можности.

За сето ова да се реализира, потребно е формирање Управен комитет за спроведување на поддршката на Република Македонија како земја домаќин.

Владата ја разгледа и усвои и Информација од Министерството за одбрана за потребата од доделување на договор влада со влада, за набавка на преносливи системи за противоклопна борба, со склучување на договор помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави. Притоа е утврден усогласен текст на амандман кон Писмото за понуда и прифаќање (Amendment 1 to Letter of Offer and Acceptance ) MK-B-UCF JAVELIN – JLTV, помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави.

Со владината одлука е продолжена веќе почната постапка за набавка на преносливи системи за противоклопна борба, наменети за пешадијата од составот на лесната пешадиска баталјонска група. А, одлуката е во насока на определбата за Министерството за одбрана за модернизација и опремување на Армијата на Република Македонија за постигнување целосна интероперабилност со армиите на земјите партнери во НАТО и во тие рамки опремување на лесната пешадиска баталјонска група со современа борбена техника, односно лесни оклопни возила на тркала, што како проект е предвидено да се реализира во периодот од 2019 – 2027 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.