Д-р Александар Ристески (75) специјалист-радиолог, д-р Никола Василески (42) специјалист-гинеколог акушер и Фанче Јованоска (51) радиолошки технолог, сите од Прилеп, вчера загинаа во тешка сообраќајна несреќа.

Животите ги загубија на патот Прилеп-Битола патувајќи на работа во болницата „Плодност“.

Денес таму се одржа комеморација, на која присуствуваа нивните колеги, членови на семејствата и познаници.

На комеморацијата се обрати и градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, кој исто така е доктор по професија.

Тој вчера, по несреќата, напиша:

Прилеп и Македонија изгуби врвни лекари специјалисти, еминетни и почитувани луѓе, посветени и одговорни граѓани, кои спасувале илјадници човечки животи и помагале на многу луѓе со својата специјалност, но ги загубија животите, патувајќи токму, на своите работни места во Битола за да им помогнат на други луѓе. Прилеп вечно ќе се сеќава на Прим. д-р Александар Ристески, спец. радиолог, д-р Никола Василески гинеколог и Фанче Јованоска радиолошкиот технолог, кои ќе бидат вечна наша тага и непребол. Во оваа прилика сакам да изразам сочуство до семејствата за нивната огромна загуба и болка, напиша градоначалникот.

Во Прилеп e прогласен Ден на жалост, а знамињата пред општинската зграда и македонското знаме на влезовите од градот и на јарболот во центарот на градот се поставени на половина копје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.