Во денешното гостување во „Студио 10“ на телевизија 24, градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски истакна дека не може нашите партнери во странство да ја бранат Македонија и македонскиот идентитет, јазик, самобитност и државност повеќе од нас самите.
Што правиме ние? Молчиме. Па во странство се говори повеќе за овој проблем, отколку кај нас дома. Ова мора да го решиме. Спомените од втората светска војна уште се живи, имаме учесници во Втората светска војна. Баба ми има 95 години, ден денеска памети што се случувало. Зошто еден бугарски политичар не се одважи и не излезе јавно да се извини за сето она што го имаат направено во рамки на Втората светска војна? Јас не ги окривувам граѓаните на Бугарија, не се фашисти. Но, факт е дека Бугарија била составен дел на фашистичката коалиција и режимот во Бугарија бил фашистички штом дал една таква поддршка. Тоа целиот свет и светската историја го пишува. На крајот, ние да ги бришеме спомениците. Нека дојдат да избришат споменик во Куманово ќе видат што ќе се случи. И да го видам тој којшто ќе биде подготвен да дојде да брише било каков споменик – потенцираше Димитриевски.
Димитриевски, изјави дека Македонецот се чувствува фрустрирано затоа што Македонецот се чувствува како граѓанин во втор ред во својата сопствена држава којашто неговите предци му ја изградиле и му ја оставиле да ја менаџира.
Кого треба да прашаме ние дали сме ние Македонци? Самите себе си или останатите во светот? Па ние сакаме да влеземе и да бидеме член на ЕУ каде се признаваат сите вери и нации, тогаш зошто толкаво лицемерие? Треба да си ја продадеме нацијата и корените наши, кадешто предците наши велеле дека се Mакедонци, а денеска да кажеме „не вие не бевте Македонци, вие бевте Бугари“. Апсурд! Значи тоа го бара бугарската страна и сака од еден билатерален проблем тоа се базира на нивните убедувања субјективни да го наметне како меѓународен проблем што е неприфатливо. Во Македонија има паметни умови, а верувам дека Владата ќе излезе и ќе отфрли овој предлог – рече Димитриевски.
Тој праша зошто се плаќа Бујар Османи и што е неговата работа како министер за надворешни работи којшто е вклучен во самиот процес.
Има обврска да го брифира премиерот, да брифира членови на Владата. Таму имаме цел тим којшто работи на оваа проблематика. Што прават? Зошто молчат? Јавноста мора се да знае. Три, четири дена јавно се шпекулира, јавно се говори во јавноста, јас верувам и знам дека молчењето е мудрост и некогаш молчењето е многу умна работа, но во овие моменти вие не може да молчите. Молчев три дена и очекувам објаснение. Никој ништо не кажа – додаде Димитриевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.