Во Основниот кривичен суд Скопје утрово започна долгоочекуваниот судски процес за убиствата кое ја потресе Македонија. Обвинетите за смртта на Вања Ѓорчевска и фризерот Панчо Жежовски излегоа пред судија и ќе ги имаат воведните обраќања. Најголемо внимание предизвика појавувањето на првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо.

Изненадување беше кога обвинителот прочита писмо од Зорица Ѓорчевска, мајка на убиената Вања која побара исклучување на медиумите од целиот процес.

Исклучувањето е потребно заради зачувувањето на приватноста на мајката на Вања Ѓорчевска која како мајка на малолетни лица има право на исклучување на јавноста која би имало големо влијание врз неа и децата, и оти трпеле пострауматско растројство, објасни обвинителката Жаклина Крстевска.

Адвокатот на таткото на Вања, Туфегќик остава судот да одлучи но смета дека судијата треба да се води од јавниот интерес.

Таткото во овој случај е оштетен и е жртва-потенцираше адвокатот.

Судијата не прифати исклучување на јавноста.

Судечкиот совет при Основниот кривичен суд Скопје месецов донесе одлука за спојување на постапките на обвинетите, откако Основното јавно обвинителство најпрво поднесе обвинение против четири лица, а потоа и за првоосомничениот Љупчо Палевски за кого се чекаше екстрадиција од Турција, за двојното грабнување и свирепо убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

На 22.11.2023, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.