Потпретседателката на СДСМ Сања Лукаревска ги демантираше информациите во дел од медиумите дека поранешниот лидер на партијата Зоран Заев му дал ултиматум на актуелниот претседател на партијата Димитар Ковачевски заедно со оставката од премиерската функција да поднесе оставка и од лидерската функција.

Не станува збор за никаков ултиматум од поранешниот претседател на СДСМ кон сегашниот претседател на СДСМ. И пред година дена имаше натписи дека има одредени разноликости во делот на функционирањето меѓу Заев и Ковачевски, но времето го демантираше тоа. Во СДСМ можеби има различни ставови за битни, клучни државнички прашања, но тоа не значи дека има неединство – рече Лукаревска на гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.

Лукаревска посочи дека на потпретседателско ниво се одвиваат и разговори со ВМРО-ДПМНЕ околу Изборниот законик. Во однос на изборот на член на Државната изборна комисија рече дека тоа треба да се разговара во Парламентот, во рамки на парламентарните групи.

За изборот на кандидат за претседател и носители на листи за претстојните изборни циклуси, Лукаревска рече дека е започната процедурата за предлагање кандидати и за самокандидирање и дека ќе се одржат два конгреса на кои ќе се обелоденат имињата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.