Нашата определба е европска Македонија, зашто сакаме европско образование и европско здравство за сите граѓани. Доброто образование е гаранција за добра, перспективна иднина на секој подинец и на државата и затоа, подигнувањето на квалитетот на образованието на сите нивоа и прилагодувањето на потребите на пазарот на трудот е стратешки приоритет на СДСМ, изјави носителката во третата изборна единица, Сања Лукаревска.

Со добро образование насочено кон развојот на потенцијалот и вештините кај младите луѓе, до поголема конкурентност , подобри работни места и подобар живот за сите, тоа е нашата цел, тоа им треба на младите, од тоа зависи нивната иднина и идниот развој на државата. Затоа го унапредивме и ќе продолжиме да го унапредуваме ученичкиот и студентскиот стандард со поголем број и повисоки стипендии, субвенциониран студентски оброк-зголемување на износот за студентски оброк на 200 денари, укинување на таксата за пријавување на испит, изјави Лукаревска.

Таа рече дека заложба е да се задржат најдобрите студенти и се повеќе млади лица да бидат ангажирани во високообразовните и во научните установи во државата.

Ќе вложуваме повеќе во талентираните ученици, во континуирана поддршка на учениците со попреченост, но и во наставниот кадар, нивната работа и посветеност ни е најважна во остварувањето на целите за уште подобро и помодерно образование, рече Лукаревска.

Таа додаде дека се фокусираат и на модернизирање на здравствениот систем, .

Политиката на СДСМ е јасна и конзистентна. Вкупните примања на лекарите специјалисти се повеќе од двојно зголемени. Во следниот мандат се обрзуваме дека платите за специјалистите ќе се зголемат во терциерното здравство до 180.000 денари, во секундарното здравство до 140.000 денари, за општите лекари до 120.000, за медицинските сестри со висока школа до 90.000 денари, а на оние со средна 60.000 денари. Специјализантите ќе ги остваруваат сите права во текот на својот стаж, преку целосно вкупно здравствено осигурување и ќе добиваат основен месечен надоместок од почетни 60 000 денари.

За секој доктор кој ќе се врати во државата, веднаш ќе се обезбеди работно место и ќе се доделат средства за стимулација. Целосно ќе се укине партиципацијата од 20% за услугите во јавното здравство. Јавното здравство да биде бесплатно за сите осигуреници. Нема одложување на потребата од зајакнување на системот на јавното здравство, зашто здравјето е најважно.

Имаме јасен план за развивање, унапредување и модернизација и на образованието и на здравството, зашто сакаме сигурна иднина и благосостојба во европска Македонија за сите граѓани, рече Лукаревска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.