Министерот за правда Кренар Лога не се откажува од намерата за носење на Законот за амнестија на затворениците. На следниот состанок на Владата во вторник, министерот Лога, најави дека ќе побара објаснување од министрите на СДСМ за гласањето против предлог-законот за амнестија.

Неговата најава, дадена во телевизиско гостување на Телма, следува откако во Собранието во четвртокот со 66 гласа против, тројца воздржани и 17 гласа „за“ не помина предлогот да се донесе законот за амнестија по скратена постапка, кој министерот за правда Кренар Лога го бранеше пред пратениците со пренатрупаност во затворите и со нехумани услови.

Во телевизиско гостување на Телма, тој изрази изненадување од одлуката на пратениците од СДСМ, иако претходно по гласањето во Собранието, кога не го криеше своето разочарување рече дека најверојатно тоа е одмазда зашто не гласал за измените на Кривичниот законик.

-Во Собрание гледам и пратеници од ВМРО ДПМНЕ, кои беа против измените на КЗ, како Милошоски и Јанушев, за утредента со адвокати да бараат нивните дела да застаруваат. За каков морал зборуваме тука ?! А од друга страна имам коалициски партнери пред себе кои имаат двајца екс генерални секретари кои ја издржуваат казната притвор и куќен притвор по хотели, или во „Систина“ или на Клинички. Кога имате од една страна такви привилегирани луѓе од моќни партии во државата., а од другата страна имате докази со слики и сите друг материјали“, вели Кренар Лога.

Како и да е министерот за правда сега очекува Законот за амнестија да биде донесен во Собранието во редовна постапка. Тој не прецизираше дали новиот предлог за редовна процедура за законот ќе биде доставен до Владата или преку пратеничката група во Собранието. На брифинг со новинарите, тој кажа дека е подготвен да прифати и амандмани како од СДСМ, така и од други пратенички групи , вклучително и од опозицијата,со цел законот да биде донесен.

Лога најави дека ќе испрати и писмо до претседателот Стево Пендаровски, во кое ќе побара да се свика седница на Советот за безбедност во врска со пренатрупаноста на затворите, оценувајќи дека таквата состојба може да предизвика поголеми проблеми.

Поради неносењето на законот за амнестија во Собранието минатата недела, Лога во својство на министер им се извини на семејствата на осудените лица за лажната надеж.

Инаку пред гласањето во Собранието, заменичката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, од Охрид, индиректно кажа дека СДСМ е против законот на министерот Лога, кој пак премиерот Димитар Ковачевски најпрво го поддржуваше, но подоцна се огради поради сознанијата дека со него ќе се амнестираат и осуденици од „Монструм“.

По гласањето Пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски, рече дека одредбите нема да ја решат пренатрупаноста во затворите, додавајќи дека одлуката за тоа дали ќе гласаат или не, ја носат врз основа на тоа какво решение се нуди со предлог законот.

Лога изјави дека со неизгласувањето на предлог-законот за амнестија не се загрозува парламентарното мнозинство. Засега, на добри понатамошни коалициски односи се надева и премиерот Димитар Ковачевски. Но, пратеникот на Алијанса за Албанците, Халил Снопче, изјави дека партиските органи сепак ќе разговараат за ова прашање и ќе размислат за понатамошното учество во Владата.

Предлог-законот предвидува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно да бидат амнестирани близу 1.000. Во моментот, 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 треба да влезат во затвор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.