Македонија е на прагот на нов бран поскапувања и севкупно осиромашување на населението. Огревното дрво пред почетокот на следната грејна сезона ќе поскапи за 20 отсто, а пелетите веќе се продаваат по речиси 50 отсто повисока цена, реагираат од Левица.
Во продолжение ја пренесуваме реакцијата:
Цената на еден кубен метар дабово дрво во приватните складови достигнува и до 5000 денари.
Најупотребуваниот енергенс во Македонија што го ползуваат околу 71% од граѓаните станува се потешко достапен, особено за најсиромашните слоеви.
Големата побарувачка за овој вид енергенс на светскиот пазар, како и зголемениот постојан и неплански извоз придонесе цената на огревното дрво и пелетите континуирано да расте, а голем дел од складовите за огревни дрва во Македонија да зјаат празни.
Министерството за земјоделие како директно надлежна установа за стопанисување со дрвната маса се уште е без стратегија, и покрај тешките околности.
Во надлежност на Mинистерството е и издавањето Одобренија за извоз на трупци, огревно дрво и други производи од дрво, но на нивната веб страница нема официјални податоци за вкупниот број извезени трупци од Македонија.
Во услови кога Балканските земји со конкретни мерки се подговуваат за претстојната грејна сезона, министерот Љупчо Николовски се однесува како англиска кралица.
Атер не крши, работа не врши, а дрва за огрев се помалку.
Додека Србија и Босна и Херцеговина во мај и јуни воведоа забрана за извоз на пелети и огревно дрво за наредните шест месеци, македонските шуми се пустошат со легални сечи, a еден дел од оваа дрвна маса се извезува во соседните земји.
Фирмите извозници и Државата тријат раце од профитот, додека на граѓаните им претстои скапа и крајно неизвесна грејна сезона.
Инаку, сите правни лица кои се регистрирани со општа клаузула за бизнис согласно законските нормативи може да извезуваат техничко, огревно дрво и целулозно дрво.
Политичката партија „Левица„ ИТНО бара од Министерот Николовски воведување:
– ВРЕМЕНА ЗАБРАНА за извоз на огревно дрво со цел да се намали недостатокот на дрвна маса што директно се одрази и на производителите на пелети.
Најголем дел од нив веќе најавија и второ зимско покачување на цената на овој вид енергенс поради увозната зависност.
– Енергетско преструктурирање на друг вид енергенси, а не само на огревното дрво, a со тоа ќе се намали и самата побарувачка, како и екстремното загадување на воздухот во текот на зимскиот период.
– Информирање на јавноста за тоа колку тони дрвна маса месечно се извезува во други земји.
Ваквите мерки се единствено решение за ублажување на кризата што и се заканува на Република Македонија, а огревот, храната и обувките спаѓаат во основните добра за живот.
Да напоменеме дека Државата најголем дел од дрвната маса пред забраната ja увезуваше од Србија и Босна и Херцеговина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.