Државната награда „Мето Јовановски“ за 2022 година, што се доделува за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права, денеска им беше врачена на Ленче Здравкин и на Денис Јанкуловски.

Наградите на добитниците во Кристалната сала на Собранието им ги врачи претседателката на Одборот за доделување на државната награда „Мето Јовановски“ Уранија Пировска, која потсети дека денеска се одбележува 10 Декември – Меѓународниот ден на човековите права.

„Да им додели награда на луѓето кои покажаа висока свест за човековите права. Покажаа пожртвуваност во напорите да им помогнат на оние кои се најранливи и најмаргинализирани. Одлучивме да доделиме две награди оваа година затоа што сметавме дека овие двајца луѓе им помогнаа на оние кои навистина се маргинализирани – мигрантите и лицата со нетипичен развој“, рече Пировска.

Таа нагласи дека двајцата добитници и се добро познати на македонската јавност, Ленче Здравкин или Ангелот од Велес и Денис Јанкуловски познат како Космонаутко. Здравкин, како што рече, во екот на најголемата бегалска криза ги отвори вратите на својот дом, ги хранеше и им помагаше на бегалците. Додаде дека Здравкин се уште е активна и им помага на социјално загрозените семејства.

Пировска потсети дека Денис Јанкуловски во време на ковид-19, со своите пораки ги охрабруваше пациентите и укажуваше како треба соодветно да се однесуваме во една таква криза. Наградата „Мето Јовановски” му се доделува за неговите активности за инклузија на лицата со нетипичен развој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.