На трибина на ВМРО-ДПМНЕ насловена „Корупцијата на СДСМ – столбот на неуспехот на Македонија“, пратеникот Миле Лефков во своето излагање изјави дека и новата влада предводена од Ковачевски е апсурд самата по себе, односно е продолжување на корупцијата со истите кадри кои во владата на Заев беа познати по низата скандали кои им се случија за време на владеењето.

Лефков кажа дека не постои ниту една друга држава во светот која има толку скандали поврзани со функционери и јавни личности колку што има во Македонија, притоа без да имаат никаква разрешница туку напротив – повторно се ставаат на функција и ни се претставуваат како нови.

Погледнете кои луѓе повторно добиваат министерски места, кои луѓе цело време ги трошат народните пари и се одговорни за трошење на народните пари. Не можете министерот кој што е поврзан со огромни скандали, господинот Оливер Спасовски да добива повторно министерско место. Ние не ги споменавме 215 фалсификувани пасоши и лични карти, по сите параметри, по сите сознанија кои ги имаме, по дефиниција претставува организиран криминал. Замислете, тој предмет не е завршен во Јавното обвинителство за гонење на сериозен криминал и корупција, за него одлучуваше ОЈО.

 

Тој случај заврши со девет кривични пријави против полициски службеници и една или две пријави за помагачи. По таа дефиниција, ние треба да го укинеме ЈО за борба против сериозен криминал и корупција. Притоа, никој во Република Македонија не разговара за таа тема, а Оливер Спасовски во владата на Ковачевски, која што нема никаков легитимитет, добива ново министерско место – изјави Лефков.

Тој додаде и дека човекот кој што е најодговорен што Македонија се најде на 111-то место на индексот на корупција според „Транспаренси Интернешнл”, Љупчо Николоски, сега повторно добива министерско место во земјоделие.

Во пет-шест години тој менува три министерски места, или задолжен за координација на корупцијата во Македонија затоа што во тој момент требало некој кој ќе се грижи на кој начин таа корупција ќе биде насочена да се влијае врз изборниот процес и резултатите и затоа го измислија тоа место.

 

Сите меѓународни извештаи, извештајот на ГРЕКО зборува за апсурд, за двојната улога која што ја имаше Љупчо Николовски, а тоа е човек кој што треба да се бори против корупцијата и во исто е носител на висока политичка функција. Тоа е една од работите која нѐ донесе до тоа 111-то место на „Транспаренси Интернешнл”. Сега тој истиот човек, го ставате во министерство за земјоделие, а субвенциите и мерките кои се преземаат зафаќаат една огромна сума на БДП на државата. Истиот човек кој нѐ донесе на 111-то место, го ставате да ги троши 3,1% од БДП кои ќе бидат како субвенции – истакна Лефков.

Лефков во своето понатамошно излагање се осврна и на Бојан Маричиќ кој повторно доби улога во владата, кој претходно беше министер за правда.

Тој порача дека ако сакаме да градиме конзистентни реформи кои ќе дадат резултат, тоа не може да се оствари на начин со постојано ротирање на кадри од една на друга позиција, кај нас реформите се започнуваат и се координираат на начин за да не се остварат и да продолжи културата на неказнивост.

Лефков додаде дека токму затоа имаме и нефункционално министерство за правда во кое затвореници слободно се шетаат низ државата, прават сообраќајки, не се знае ниту кој е ниту кој не е во затвор, владее општ хаос.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.