Веќе два месеци пристигнуваат лажни дојави за бомби во повеќе училишта, институции и јавни објекти во земјава. Закани за поставени експлозивни направи беа упатени и вчера на електронските адреси на неколку училишта во Скопје, Тетово, Битола, Прилеп и Струга, за кои од Министерството за внатрешни работи соопштија дека, и тие, исто така, се лажни. Во текот на вчерашниот ден беше одржана и седница на собраниската Комисија за одбрана и безбедност со единствена точка на дневен ред – Информација за преземени мерки и активности во врска со лажните дојави, седница, која, поради класифицирани информации беше затворена за јавноста.

На годишниот брифинг со медиумите, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера истакна дека последните месеци од годината бевме сведоци на еден современ феномен на хибридни напади, кои покрај државите од регионот, од Европа, како и САД, Канада и Нов Зеланд, не ја заобиколија ни нашата држава.

Еволуцијата на криминалот, кој сега доаѓа без лице и без идентитет, ги брише границите и има способност во исто време да е на повеќе места, бара поагресивен заеднички одговор. Притоа, станува збор за исклучително комплексни истражни дејства поврзани со меѓународна размена на информации и поддршка, како и со барања за меѓународна правна помош, истакна Спасовски.

Според министерот, дојавите за бомби се хибридни напади, анализите покажале дека се можни три нивоа на причини за нивните појави.

На прво место се геостратешките интереси кои се испреплетуваат во државава, втората причина е од политички интереси и третата од авантуристички, како што беше примерот со двајца малолетници, еден во Скопје и еден во Кавадарци, изјави Спасовски.

Тој информира дека во завршна фаза е истрагата за дојавите за бомби во Делчево и се очекува за ден-два да се обезбедат доказите и да биде поднесена кривична пријава.

На добар пат сме да решиме уште една дојава во Скопје која беше минатите денови и во моментов е во фаза на обработка, додаде Спасовски.

Тој вчера присуствуваше и на седницата на собраниската Комисија за одбрана и безбедност на која единствена точка на дневен ред беше Информација за преземени мерки и активности во врска со лажните дојави за поставени експлозивни направи, при што го презентираше Извештајот за мерките и активностите што ги презело МВР во врска со заканите за поставени бомби.

Седницата беше затворена за јавноста, поради тоа што, како што информираше нејзиниот претседател Миле Талевски, Информацијата што стигнала од МВР била класифицирана како државна тајна.

На мое барање како претседател на Комисијата и на барање на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесовме до МВР да ни достави информација за сите мерки и активности кои МВР ги има преземено во делот на она што значи електронски напади во објектите на подрачјето на целата држава. Од страна на министерот за внатрешни работи во петокот ни беше доставена комплетната информација и јас веднаш свикав Комисија која денеска се одржа. Од страна на министерот беа детално презентирани сите мерки и активности што МВР ги има преземено во делот на откривање и спречување на сите овие напади, изјави претседателот на Комисијата, Миле Талевски.

Седницата ја напуштија членовите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, поради одлуката таа да биде затворена за јавноста. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, во изјава за медиумите по напуштањето на седницата рече дека како опозиција побарале „да не се кријат, туку да разговараат за тоа кои се системските пропусти во МВР кои доведуваат до вакви ситуации“.

Сметавме дека седницата може да се подели во два дела, односно во првиот дел да разговараме за отворени работи, кои не треба да бидат класифицирани. Побаравме да разговараме како е можно МВР да нема капацитет да открие лажни дојави за бомби. Побаравме тоа да биде тема за расправа, а во вториот дел да расправаме за сите информации кои министерот смета дека се класифицирани, но нашиот предлог не беше прифатен, рече Петрушевски.

Тој нагласи дека решиле да не учествуваат „во ваков театар“ кој, според него, нема да заврши со одговорност, додавајќи дека опозициските пратеници немале увид во Информацијата за преземени мерки и активности во врска со лажните дојави за поставени експлозивни направи.

Информацијата што ја доставил министерот е класифицирана. Очекуваме да знаеме дека државата презела нешто, но ова што тие го бараат седницата да биде затворена, може да не наведе да мислиме дека не е преземено ништо. Се класифицира нешто што не мора да се класифицира, обвини Петрушевски.

Талевски, пак, изрази жалење што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во работата на Комисијата за одбрана и безбедност.

Претходно јас како претседател на Комисијата имав координација со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и го усогласивме и договоривме терминот за одржување на оваа Комисија, но од за мене неразбирливи причини тие ја напуштија работата на Комисијата и не учествуваа во целата дебата, односно презентација на Извештајот од страна на министерот, рече Талевски.

Во врска со дојавите за поставени бомби вчера се огласи и Демократскиот сојуз оценка дека тие се насочени кон дестабилизација на државата и со нив се нарушува процесот на образование, како и нормалното одвивање на животот.

Повеќе од јасно е дека овде има и политички цели, се работи за внатрешна „организација” која можно е да има и странска логистика, поради што службите за безбедност мораат да имаат координиран настап со вклучување на  сите расположиви ресурси. Апелираме младите да не се вклучуваат во вакви авантуристички активности, бидејќи најавите за поставени бомби е тешко кривично дело за кое се предвидени високи затворски казни, а и другите последици се долготрајни: забрана за влез во другите држави, на секој премин претреси, ограничување при вработување во некои институции (безбедносно неподобни ќе бидат) итн… Практично со  учество во вакви незаконити активности, ќе си закачите” канта на грбот”, која цел живот ќе ви тропа, порачаа од ДС.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.