Враќањето на ветото за Скопје би било огромна грешка и ќе ги влоши булатералните односи, смета бугарскиот европратеник и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.

– Тоа би била огромна грешка. Ветото на ниту еден начин не влијаеше позитивно на добрососедските односи. Сосема спротивно. Почнаа провокации, повеќе или помалку, токму од ставањето на ветото, изјави Ќучук за БНР.

Според него, тоа што му се случи на Христијан Пендиков е за осуда и тоа го кажале и европските институции. Тој ја оценува тензијата меѓу двете земји како висока која се шири во многу правци и смета дека билатерално ќе има многу бурна непродуктивна година.

Тој го нагласува и механизмот за следење и „мерење“ на говорот на омраза, посочувајќи дека министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, формира „голем тим, во кој ќе има и претставници на бугарската заедница“.

На прашањето како Брисел ќе реагира доколку Скопје ги спречи бугарските европратеници, политичари и јавни личности да присуствуваат на настани поврзани со Гоце Делчев на почетокот на февруари, Илхан Ќучук вели дека „нема шанси европските институции да поддржат такво однесување од страна на македонските власти“, додавајќи дека „ниту Брисел, ниту Стразбур може да го прифатат тоа како нормален пристап“.

– Не можеме да гледаме изолирано на работите. Треба да бараме механизми кои ќе бидат  одржливи. Мора да има механизми за следење во рамките на билатералните односи. Има многу примери на земји со тешки историски односи – Словенија и Хрватска, Словенија и Италија. Од гледна точка на историската меморија, ова не е нешто ново, истакна Ќучук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.