Претседателот на КСС Благоја Ралповски на денешниот протест пред Собранието изјави дека голем број административни работници се соочуваат со огромни притисоци поради штрајкот.

Има голем страв и да излегуваат на улица. Се јавуваат, добиваме голем број повици, претседателите на синдикатите го кажуваат. Притисоци дека можат да ги загубат работните места. Тоа е главна причина зошто денеска сме тука во мал број – кажа Ралповски, при што информира дека поради таа причина се прекинува денешниот протест.

Според него, во текот на вечерните часови ќе има итен состанок во Синдикатот, на кој ќе се одлучува за следните мерки, по што утре ќе излезат со повеќе информации.

Претходно КСС најавија дека ќе протестираат се додека не бидат исполнети нивните барања за усогласување на платите со минималната плата.

Бараме да се усогласат платите во јавниот сектор согласно покачувањето на минималната плата, а не како што е направено со Законот за административни службеници со кој платите се покачуваат од 100 до 200 денари. Дел од јавната администрација се претвори во социјална категорија, доведена е на прагот на преживување во услови на секојдневен раст на цените и растечка инфлација Така што, во овој момент имаме ситуација каде што дел од административните службеници или вработените во јавниот сектор земаат или минимална плата или под минимална плата. Досега имаме само едно покачување, а тоа е 5% во 2019 година. И пред и потоа јавниот сектор е заборавен и затоа е доведен во ситуација да бидеме социјална категорија -истакна Ралповски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.