Предлог одлуката на Владата да се продолжи рокот за постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија во Скопје до 30 април годинава денеска е на дневен ред на собраниската Комисија за одбрана и безбедност и на Законодавно-правната комисија, по  што за неа треба да се одлучува и на пленарна седница.

Владата на 17-ти минатиот месец, на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, донесе Одлука за постоење кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на територијата на Скопје, а потоа на седницата на 10 февруари донесе одлука за одобрување на продолжување на нејзиниот рок до 30 април годинава.  Предлог одлуката треба да стапи во сила со денот на објавувањето во Службен весник и да почне да се применува од утре.

Во Собранието денеска седница ќе одржи и Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство која треба да расправа за Предлог законот за изменување на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, по скратена постапка, поднесен од пратениците Петар Ристески, Зоранчо Јованчев, Силвана Ангелевска, Олга Лозановска, Ане Лашкоска, Златко Пенков.

Законодавно-правната комисија, пак, на одделна седница треба да ги разгледа предлог законите за изменување и дополнување на законите за  внатрешни работи и за полиција, во второ читање, предлог на законите за изменување на Законот за Царинската тарифа, на Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација, и на Законот за платниот промет,  сите по скратена постапка. Дополнително, пред Законодавно-правната комисија  е и Предлог законот за ратификација на Договорот за соработка во туризмот помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.