Изминатата година инвестиравме во подобрување на севкупните услови за сместување и вежбање на армискиот полигон и со тоа Криволак прераснува не само во домашен, туку пред се во НАТО-капацитет, што ја има амбицијата да биде најдобар во Европа и тоа го говориме и ние, но тоа го говорат и нашите сојузници.

Ова го истакна денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која беше во посета на Криволак заедно генерали од Генералштабот, од Командата за операции и со аташето на САД, потполковник Пит Раул, и најави многу амбициозна година од аспект на изведување на домашни, но и на меѓународни вежби.

Таа информира дека во последниве 10 месеци армиските инженерци пробиле и изградиле 33 километри пат, со што е зголемен капацитетот и атрактивноста на воениот полигон.Појасни дека се инвестира во подобри услови за сместување, во пречистителна станица и целосно нови санитетски јазли, но и во инфраструктура што ќе ги поврзе различните делови на армискиот полигон.

Шекеринска информираше дека во 2022 година Македонија и полигонот Криволак ќе бидат местото каде што ќе се одржува досега најголема воена вожба „Свифт респонс”, во која првпат ќе има и сериозни воздухопловни елементи.

– На вежбата очекуваме учество помеѓу 3,5 до 4 илјади војници и офицери од Армијата на РСМ, но и вооружените сили на САД, на Обединетото Кралство, Франција, Италија, Црна Гора и Албанија, а од нив над илјада падобранци ќе учествуваат во т.н. воздушен десант. Тоа значи дека за првпат ќе имаме комбинација на воздухопловни елементи, голем број на авиони и хеликоптери коишто ќе учествуваат во вежбата,  но и дел на вежбите коишто ќе бидат на копно. Тоа ќе биде дополнителен тест и за нашите логистички капацитети, тоа ќе биде шанса и за домашните логистички компании што се надеваме ќе учествуваат во некои од повиците кои веќе ги стартувавме и ќе покажат дека Македонија од моментот на своето членство не чека, туку дава дополнителни капацитети и покажува конкретни резултати, информираше Шекеринска.

Министерката се заблагодари на Командата за операции, на инжењерискиот баталјон за огромната работа на Криволак, како и на претставниците на САД кои дале сериозна поддршка за визијата за Криволак.

Најави дека во текот на 2022 година токму во Криволак се очекува седум домашни и меѓународни вежби, што во државата, како што рече, ќе донесат некаде над пет илјади припадиници на сојузничките вооружени сили.

Прашана колку всушност е инвестирано во обнова на Криволак и дали оваа година ќе има доволно средства да се реализира се она што е замислено во насока на искористување на потенцијалот, таа одговори дека кога се правел планот за Криволак, точно биле определени  кои интервенции ќе се прават со сопствени сили, а кои интервенции ќе се  прават ангажирајќи дополнителни компании што ќе работат на Криволак.

– И еден голем дел, можеби и најголемиот товар падна на армиските инжењерци каде што практично единствениот трошок којшто го имавме, дополнителен трошок – материјалите што ги користеа и се разбира дневните трошоци коишто ги правеа, што е многу помалку доколку одевме по нормален пат и ангажиравме фирми и организиравме јавни набавки. Сакам да истакнам дека целокупната опрема или потрошен материјал којшто го користевме за изработка на патот за контрукција на целата оваа 33 километарска мрежа беше финансиран преку американската поддршка како дел од нашите заеднички напори да инвестираме во Криволак, така што и тука немавме трошок за домашниот буџет, изјави меѓу другото Шекеринска.

Еден дел од проектите биле работени со користење на средства од буџетот односно санитетските јазли, како и пречистителната станица со која дополнително се намалува ефектот врз животната средина.

– Видовте дека инвестираме во енергетски ефикасни објекти коишто ќе се греат највеќе врз база на соларната енергија, сончевата енергија и со тоа трошоците во иднина ги намалуваме. Сега ако ги соберете, голем дел од инвестицијата беше работен од страна на македонските и американските инженерци и се е тоа работа која што чини пари, но во суштина нема дополнителен трошок.
Веќе почнавме неколку набавки што значат подобрување на условите за сместување во Криволак и јас очекувам тие во текот на 2022 да бидат целосно заокружени и тие се веќе пресметани во буџетот за 2022, рече таа



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.