Кривичниот совет утре ќе одлучува по жалбата која адвокатот на Мухамед Зеќири ја поднесе за 30-дневниот притвор, објави Алсат. Зеќири од петокот е во Истражниот затвор во Шутка, откако Кривичниот суд го прифати барањето на Обвинителството – да му биде одреден притвор поради опасност од бегство, повторување на делото и влијание врз сведоците. Адвокатот на Зеќири рече дека во жалбата ги побива сите основите за одредување на притворот.

Хрватските државјани опфатени во истрагата на Обвинителството за организиран криминал сѐ уште се недостапни за органите на прогонот, а надлежната обвинителка Катерина Коларевиќ изјави дека според оперативните сознанија од МВР, тие ја напуштиле државава.

Од МВР изјавиле дека до нив, ниту од Судот ниту од Обвинителството, засега нема пристигнато налог за распишување потерница. Од Обвинителството повторија дека и за нив бараат притвор, но додаваат дека таков налог до МВР треба да испрати Судот. Од Судот пак, појаснувајќи ја процедурата, информираат дека најпрвин треба да добијат официјално известување од полицијата дека не може да ги пронајде, по што би можеле да издадат налог за распишување меѓународна потерница.

Инаку Зеќири заврши во притвор, откако Обвинителството соопшти дека постојат сомневања дека тој ја злоупотребил службената положба, склучувајќи договор без јавна набавка. Според Обвинителството договорот бил склучен со правно лице, во што со умисла му помогнале двајца хрватски државјани, а со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист. Договорот се однесувал за изработка на физибилити студија за скрининг на работењето на Македонски пошти.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.