Скоро и да нема место каде граѓаните се задоволни од економската состојба, а другата работа за која граѓаните реагираат е високото и широко распространето ниво на корупција која сега оди од највисоко до најниско ниво. Практично нема човек кој рекол дека завршил работа без да познава некого или без да даде мито. Целосно се руши системот, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за „Аргумент плус“ на ТВ24.

Николоски истакна дека корупцијата е во врвот на СДС и ДУИ и обидот да се спинува и да се стави се само на една личност е поигрување со јавноста и нема да не однесе до позитивна оценка и почеток на преговори со ЕУ.

-Во Македонија доаѓаат министри за надворешни работи, функционери, а во Бугарија не отишол никој. Тоа е потврд дека неколку големи земји членки на ЕУ, мислат дека Македонија не е спремна и ја гледаат Бугарија како добар изговор, што не води до клучниот проблем дека високото и широко распространето ниво на корупција ги удира темелите на македонското национално достоинство. Затоа што со високо ниво на корупција главните земји членки мислат дека Македонија не заслужува почеток за преговори, а ја оставаат Бугарија да удира во темелите на македонската државност, култура и јазик, изјави Николоски.

Тој посочи дека треба ние да се договориме во следниот период дали ова искрено ќе се поразговара со земјите членки, ќе ги средиме работите и ќе настапиме поорганизирано кон Бугарија.

– И еден амбасадор овде отворено кажа дека не ги интересираат уставните измени, туку корупцијата. Тој јавно кажа. Да имаме чист ситуација каде ќе бидат сигурно дека Македонија заслужува почеток на преговори, верувајте ќе отиде еден дипломатски тешкаш во Бугарија и за едено претпладне ќе ја зарши работата. Но, тоа не се случува. Македонија може лесно да се среди, а првите резултати да се видат за 6 до 9 месеци, а за неколку години и целосно. Ако сработиме добро, притисокот ќе се префрли во Софија. Но за тоа прво мора да ја напишеме домашната, потенцираше Николоски.

Николоски додаде дека за борба со криминал и корупција треба да се ослободат институциите, има врвни луѓе, експерти кои можат да ја завршат работата ако немаат политички притисок.

– Едни такви ослободени институции за 6 до 9 месеци ќе дадат резултати. Се знае кои се корумпирани доктори, професори , обвинители, службеници. Институциите тоа треба да го проверат и да го кажат проблемот. Мора од основата да се тргне за да се стигне до решенијата. Потребна е промена на власта, на општеството му треба нов почеток, а за тоа се потребни избори, рече Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.