Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека во Владата ќе има промена само на министерското место за локална самоуправа, но не и на челните места на други министерства.
Ви кажав, смена ќе има во Министерство за локална самоуправа, со оглед на тоа дека имаме оставка на министерот. Нема друг план. Друго нема во план, рече премиерот Ковачевски, кој денеска присуствуваше на првиот академски час на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје.
На забелешката дека функционери на СДСМ најавиле „мали промени“ во Владата, Ковачевски потенцира дека станува збор за „многу мали промени“.
Јас сметам дека ќе бидат многу мали, со оглед на тоа што Владата функционира во полн капацитет и ги извршува своите обврски и ја реализира Програмата така како што е договорено, рече премиерот.
За тоа кога ќе биде изборот на новиот министер за локална самоуправа, Ковачевски рече дека тоа треба да се координира со претседателот на Собранието и изрази задоволство што предлогот од Либерално демократската партија за оваа позиција е Ристо Пенов, бидејќи, како што рече, за него тој бил еден од најдобрите градоначалници не само на Скопје, туку воопшто во државата, „којшто зад себе има голем број успешни проекти на коишто и ден денес сите сме сведоци“.
Ковачевски нагласи дека прво мора да се потврди оставката на министерот за локална самоуправа, а дури потоа и изборот на нов министер на седница на Собрание.
Меѓутоа, тоа мора да се координира со претседателот на Собранието, во однос на дневниот ред на нови седници, како што се закажуваат, рече Ковачевски.
Премиерот соопшти дека го чул предлогот Пенов да биде нов министер за локална самоуправа, но рече дека се уште нема добиено официјален допис од ЛДП. Засега, рече Ковачевски, се се сведува на изјави коишто ги видовме.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.